EPA-EFE/CHRISTIAN BRUNA

Седумкратниот светски шампион во Формула 1 и возач на Мерцедес, Луис Хамилтон, е блиску до договор со Ферари, за кое би можел да вози од 2025 година.

Како што објави шпански АС, 39-годишниот Хамилтон сака да биде во тим што би можел да му обезбеди конкурентен болид за освојување на рекордната осма шампионска титула пред да ја заврши кариерата.

Претходните години се шпекулираше дека може да се пресели во Ферари, а во Мерцедес се зборуваше дека тоа се само шпекулации. Минатата година, британскиот возач го продолжи договорот со Мерцедес до 2025 година.

Во последниве две години, Хамилтон нема постигнато ниту една победа во Формула 1, а неговиот рекорд е 103 триумфи.

Како што пишува АС, Карлос Саинц ќе го напушти Ферари на крајот од сезоната, бидејќи преговорите за продолжување на соработката пропаднаа. Тој е единствениот возач што не бил од тимот на Ред бул, кој победи минатата сезона во Формула 1, на трката во Сингапур.

Хамилтон би возел во Ферари заедно со Шарл Леклер, кој има повеќегодишен договор со славниот италијански тим, пишува АС.

Ферари последен пат ја освои титулата во конкуренција на возачи, во 2007 година, на чело со Кими Раиконен.