Се анализира состојбата на цевките во општина Гази Баба

34

Град Скопје продолжува со третата фаза за реализација на стратешкиот проект за испитување и студија за магистралните водоводни цевководи.

Од Град Скопје појаснуваат дека во третата фаза се анализира состојбата на самите цевки во нивниот надземен и подземен дел во општина Гази Баба, состојбата на објектите кои се изградени за правилна експлоатација на цевководот односно армирано бетонските шахти со хидро машинска опрема, мостовска конструкција на надземниот дел од цевководот, како и опремата за активна катодна и останата заштита.

-Со третата фаза од Студијата за магистралните водоводни цевководи базирана на темелни испитувања и анализи која се прави за прв пат по 60 години, се испитува водоснабдувањето на град Скопје од количини на вода кои се расположливи од двата каптажни објекти, кое се движи преку двa челични цевководи – соопштија градските власти.

Испитувањата на терен ги вршат експерти и професори од Машинскиот факултет, а студијата треба да даде информации какви мерки треба да се преземат за да се превенираат несакани појави во иднина и да се имаат сите информации за овие клучни цевководи во Скопје.

Суштината на изработката на стратешката  студија е утврдување на состојбата на двата главни магистрални метални цевководи, едниот кој оди по трасата на булевар „Партизански Одреди“ и другиот по булеварите  „Словенечка“ и „Босна и Херцеговина“.