Џафери: Ако ВМРО-ДПМНЕ достави кандидати за техничката влада, тогаш ќе ја предложам во целосен состав

Во однос на тоа дали во составот на техничката влада ќе има министри од ВМРО-ДПМНЕ, Џафери вели дека ако има предлози, тие ќе бидат дел од техничката влада. – Владата ќе биде во склад со Уставот и со законот. Ако има предлози од ВМРО-ДПМНЕ, тие ќе бидат во техничката влада – рече идниот мандатар и технички премиер. Неговата изјава следува откако премиерот Ковачевски, деновиве, побара од него да достави предлог за техничката влада, без имињата на предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за министри, поради тоа што кажаа дека нема да гласаат за техничката влада, иако ќе имаат свои министри во неа.

1164

Собранието ја одржа последната ад хок координација со пратеничката група, а собранискиот спикер, Талат Џафери, и последната средба со новинарите во својот втор мандат. Тој веќе в недела, на 28 јануари, треба да седне на премиерската фотелја од новиот преоден владин кабинет, кој треба да овозможи организирање на изборите закажани за 8 мај.

Џафери информираше дека прва оставка ќе биде онаа на премиерот Димитар Ковачевски, а потоа и неговата, по што се отвора патот за формирање на техничката влада.

В петок, на седница што ќе ја води заменикот Горан Мисовски, Собранието ќе ги констатира двете оставки, а ќе биде поднесен и предлогот за избор на нов спикер, кој во последните 100 дена ќе биде Јован Митревски од редовите на СДСМ.

В сабота, пак, мандатарот Џафери ќе ги достави до Собранието новите предлог-програма и предлог-состав на владата, а следниот ден ќе биде закажана седницата за избор на техничката влада. Веднаш потоа ќе биде закажана и втората седница – за избор на дополнителните заменици-министри, како и за верификација на мандат на пратеник, на местото на Џафери.

На седницата за избор на техничката влада, в недела, најдоцна на полноќ, Македонија ќе треба да ја добие техничката влада, која ќе има задача, во последните 100 дена, да ги организира изборитe.

Џафери истакна дека во претходна координација и во согласност со премиерот, определени се рамковните рокови.

– Договоривме дека од четврток настапуваат роковите за поднесување оставки и за отворање пат за одржување седница за констатирање на оставките. Ова ќе почне утре со оставките, ќе продолжи на 26 јануари со избор на претседател на Собранието, доделување мандати од страна на претседателот на државата, поднесување предлог-програма и предлог-состав на владата на 27 јануари до Собранието и со тоа се отвора пат да се свика нова седница за 28 јануари, на која би се избрала техничка влада, би се констатирал престанок на мандат на пратеникот, да се извести ДИК за престанокот на пратеничкиот мандат, врз основа на тој извештај и надлежноста на техничкиот премиер до Собранието да се достави предлог за заменици и за дополнителни заменици-министри. Со тоа, би се отворил патот за нова седница за 28. Исто така, за верификација на пратеникот што треба да дојде и за избор на заменици и на дополнителни заменици-министри. Двете седници треба да завршат на 28 јануари. Составот на владата треба да е целосен за да може да стапи во функција сто дена пред парламентарните избори – изјави вчера Џафери.

Во однос на тоа дали во составот на техничката влада ќе има министри од ВМРО-ДПМНЕ, тој кажа дека ако има предлози од нив, тие ќе бидат дел од техничката влада.

– Владата ќе биде во склад со Уставот и со законот. Ако има предлози од ВМРО-ДПМНЕ, тие ќе бидат во техничката влада – рече идниот мандатар и технички премиер, Талат Џафери.

Изјавата на Џафери следува откако премиерот Ковачевски, деновиве, побара од него да достави предлог за техничка влада, без имињата на предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за министри, поради тоа што рекоа дека нема да гласаат за техничката влада, иако ќе имаат свои министри во неа.

Кадровското екипирање на техничката влада на Џафери, според информациите во јавноста, се очекува да заврши до петок, а Џафери истакна дека евентуалните кадровски промени се одговорност на политичките партии.

– Во секој случај, тоа е надлежност на партиските органи, кои имаат надлежност и право да бидат дел од таа влада. Така што нема причина да коментирам за нечија одлука, како ќе биде – рече Џафери на прашање за коментар за евентуални кадровски промени на министерските и на заменичките места на ДУИ и Алијанса за Албанците.

Инаку, кои ќе бидат претставниците од ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада, треба да се изгласа на Извршниот комитет, кој беше закажан за вчера, доцна навечер. Оттаму стојат на ставот дека ќе предложат имиња, но нема да гласаат за премиер.

Претходно, СДСМ ги соопшти кадровските решенија за техничката влада, во најголем дел остануваат актуелните министри, освен дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, место за кое е предложен Митко Бојмацалиев, актуелен шеф на кабинетот на министерот Оливер Спасовски.  (М.С.)