Се обновува спомен-обележјето на Партизанските гробишта

103

Националната установа Завод и музеј – Битола врши чистење и превентивна конзервација на споменикот на Партизанските гробишта во овој град. Директорката на Заводот и музеј – Битола, Мери Стојанова, информира дека мермерните плочи се извадени, а по завршување на активностите, повторно ќе бидат поставени на споменикот.

– Наша стручна екипа внимателно ги извади мермерните плочи на кои се впишани имињата на загинатите борци од Битола и Битолско, учесници во Народноослободителната борба – НОБ. Оваа активност е во рамките на проектот за одржување на спомениците од НОБ што се наоѓаат на територијата во надлежност на НУ Завод и музеј – Битола. Со чистењето и конзервацијата на споменикот, ќе се овозможи достоинствен лик на споменикот врз кој повторно ќе бидат поставени мермерните плочи, а тоа ќе биде со подобрување на временските услови – истакна Стојанова.

Партизанските гробишта во Битола се формирани во 1956 година од Сојузот на борци во Битола и се составен дел на Буковските гробишта, кои се наоѓаат во непосредна близина на црквата „Свети Петар и Павле“. На гробиштата се посмртните останки на загинати борци во НОБ, а на мермерните плочи се запишани сите учесници во НОБ кои, како што е напишано на споменикот, со хероизам ја победиле смртта.