„Сега војната е неизбежна“ – иронично реагираше заменик претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, на изјавата на претставникот на американскиот Стејт департмент кој рече дека Русија нема да го добие назад полуостровот Алјаска.
„Според претставникот на Стејт департментот, Русија нема да ја добие назад Алјаска, која ја продаде на Америка во 19 век. Тоа е тоа тогаш, а ние очекувавме дека е само прашање на денови кога повторно ќе стане наша. Сега војната е неизбежна“, напиша Медведев на социјалните мрежи и ја заврши објавата со емотикон кој плаче од смеа.
Претходно, заменик портпаролот на Стејт департментот Ведант Пател изјави дека „рускиот претседател Владимир Путин нема да ја добие назад“ Алјаска. Вака тој одговори на прашањето на еден од новинарите кој тврди дека Путин наводно потпишал указ дека продажбата на Алјаска е „незаконска“. Но, на порталот каде се објавуваат правни акти, таков документ не постои.
Алјаска е најсеверната и територијално најголемата држава во САД. Се наоѓа на северозапад од Северна Америка и дели поморска граница со Русија во Беринговиот Теснец. Алјаска била откриена од руска експедиција во 1732 година и била во сопственост на Русија, но била продадена во 1867 година по договор меѓу владите на Руската империја и САД.