Снегот на Попова Шапка и Маврово не донесе туристи, ски-центрите зјаат празни

И покрај тоа што зимската туристичка сезона е во полн ек, на Попова Шапка, Маврово, Пониква... нема туристи. Сè се сведува на дневни тури, но со почетокот на учебната година, и тие се сведени на минимум. Скијачката сезона започна само на Попова Шапка, каде што има паднато повеќе снег, а во другите туристички центри нема ниту доволно снег. Но и таму нема туристи, само повремено некој од скијачите од регионот што користи фрирајд скијање. За разлика откај нас, зимските туристички центри во регионот, и покрај високите цени на ски-билетите и на сместувањето, цел јануари работат со полн капацитет

3103

Снегот што падна викендов, не ги реши проблемите во туристички центри. И покрај тоа што зимската туристичка сезона е во полн ек, на Попова Шапка, Маврово, Пониква… нема туристи. Сè се сведува на дневни тури, но со почетокот на учебната година, и тие се сведени на минимум. Скијачката сезона започна само на Попова Шапка, каде што има паднато повеќе снег, а во другите туристички центри нема доволно снег. Но и таму нема туристи, само повремено некој од скијачите од регионот што користи фрирајд скијање. За разлика откај нас, зимските туристички центри во регионот, и покрај високите цени на ски-билетите и на сместувањето, цел јануари работат со полн капацитет.

– Ски-сезоната на Попова Шапка започна, но хендикеп е што тргнаа учениците на училиште. Лошо е што немаше снег во текот на зимскиот распуст, бидејќи обично во јануари се прават поголеми приходи. Се надеваме дека снегот ќе се задржи, а очекуваме нови врнежи од снег, кои ќе донесат и туристи. Инаку, нема странски туристи, освен оние што користат фрирајд скијање и од Косово и од Албанија, кои доаѓаат на дневни тури – изјави за весникот ВЕЧЕР Адем Авзиу, управител на ски-центарот Попова Шапка.

Цените на сместувањето и на ски-билетите не се покачени во однос на лани. Дневната ски-карта за возрасни, во текот на работните денови, чини 1.100 денари, а за викендите – 1.300 денари. Дневната карта за деца, во работните денови, е 800, а за викендите 950 денари. Сместувањето зависи од времето на престој и од категоризацијата на хотелот, но, во просек, цените за полн пансион се движат од 30 до 65 евра за лице на ден.

И Аркан Керим, претседател на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори на Македонија, вели дека зимската туристичка сезона е слаба, бидејќи снегот задоцни, а освен што нема туристи, нема ни најави за некои поголеми тури.

– Снегот што падна викендов, не донесе странски туристи, освен домашни, кои доаѓаат на еднодневно скијање. Се скија само на Попова Шапка, каде што има повеќе снег. Во Маврово, сè уште нема доволно снег за скијање. Генерално, туристичката сезона е слаба, бидејќи многу доцна падна снегот. Освен во зимските туристички центри, нема странски туристи ни во Скопје ни во Охрид, но се надеваме дека со затоплувањето, ќе се подобри ваквата ситуација – вели Керим за весникот ВЕЧЕР.

Туристичките работници се согласуваат дека снегот не може да ги покрие наталожените децениски проблеми во нашите ски-центри, кои се далеку од нивото на оние во регионот.

– Новиот снег не може да ги покрие наталожените децениски проблеми во нашите ски-центри, кои остануваат само во сеќавањата на постарите, за нивниот блесок во 80-тите години од минатиот век. Сепак, и оваа година ќе се задоволиме со истата понуда како и претходните години, со најмногу регионални гости од Косово, Албанија и по некоја група од Србија, Бугарија и од Грција, пред сè во Маврово и на Пелистер, кои сè уште имаат хотелски капацитети во добра кондиција. Бројките нема да ги надминат минатите години по туристи и ноќевања, но неблагодарно е да споредуваме со зимските центри во регионот, бидејќи сме далеку зад нив – изјави за весникот ВЕЧЕР Љупчо Јаневски, туристички експерт и поранешен директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Тој смета дека најавената инвестиција во Попова Шапка од 184 милиони долари, конечно, ќе се реализира и, по долго време, Македонија ќе добие зимски центар конкурентен со регионот, овозможувајќи туристи од голем број европски земји.

(А.С.)