Кошаркарскиот, а воедно и спортскиот свет е шокиран од веста за ненадејната смрт на српскиот стручњак Дејан Милојевиќ (47), кој почина откако доживеа срцев удар во ресторан во Солт Лејк Сити.
Милојевиќ беше високо признат млад стручњак, кој по феноменалните резултати со српска Мега во регионалната кошарка, доби покана да биде асистент во Голден стејт во НБА.
Кошаркарите, тренерите, спортските работници се збогуваат со Милојевиќ на социјалните мрежи, а најемотивниот статус го објави Мишко Ражнатовиќ, легендарниот кошаркарски менаџер, кој со Милојевиќ имаше силна и посебна врска во светот на кошарката.
- Никогаш не сум видел слика со пострашна симболика. Гледајќи ја, уште потешко ми е да опишам низ што поминавме, а уште потешко е што направи за мене, Мега и светската кошарка! Отсекогаш мразев приказни за неизбришливи белези, но подобар опис за твојата работа нема! Вечна слава, Дејане!, напиша Ражнатовиќ на социјалните мрежи.
Потресна порака остави и кошаркарот на Голден стејт, Брандин Подзиемски.
- Ми го промени животот за толку кратко време. Најважната работа што некогаш си ми ја кажал е дека треба само да се насмеам! Твојата радост и твојата насмевка засекогаш ќе ми недостасуваат. Осветли ни го рајот. Почивај во мир, Дејан Милојевиќ, напиша младиот кошаркар.
Милојевиќ е роден 1977 година во Белград, а првите кошаркарски чекори ги направи во младинската екипа на Беовук. Играше за ФМП, Партизан, Памеса, Галатасарај, а играчката кариера ја заврши во 2009 година.
Тренерската кариера ја започна во 2012 година во Мега, а по осум години, односно во 2020 година замина во НБА лигата. Од октомври 2021 година, тој е член на стручниот штаб на Голден стејт, со кој ја освои шампионската титула во 2022 година.
Со сениорската репрезентација на Југославија го освои златниот медал во 2001 година во Турција, а со младата репрезентација до 22 години освои злато.