Снежното невреме ја окова Германија: „Автопатот е ледена покривка!“/ФОТО

106

Обилните снежни врнежи и замрзнатите услови го прекинаа воздушниот, патниот и железничкиот сообраќај во Германија втор ден по ред. Германската метеоролошка служба предупреди дека во текот на денот се очекуваат нови врнежи од снег. Во некои делови од јужна Германија се очекуваат околу 15 сантиметри нов снег и можнo невреме.

Портпаролот на полицијата изјави дека во моментов има застој од неколку километри на сите автопатишта, пишува Билд.

„Поради запрените камиони, автомобилите понекогаш може да поминат, но всушност сè уште е малку хаотично“, рече портпаролот на полицијата во Келн.

Според полицијата, имало дури и сообраќаен метеж од околу 50 километри на автопатот А61 помеѓу Емелсхаузен и Круфт.

Има голем сообраќаен метеж на автопатите во централна Германија, а ќе бидат потребни неколку часа за да се расчистат патиштата, предупреди полицијата и побара од луѓето да не патуваат освен ако е апсолутно неопходно.

Црвениот крст им доставуваше ќебиња и топли пијалоци на возачите кои во средата беа заглавени во долги редици.

Стотици летови на аеродромот во Франкфурт во Германија се откажани денеска, еден ден откако поради зимска бура накратко беа прекинати полетувањата и слетувањата.

Повеќе од 300 од околу 1.000 планирани летови за денеска на аеродромот во Франкфурт се откажани, изјави портпаролката на аеродромскиот оператор Фрапорт.

Авиони полетуваат и слетуваат на аеродромот, но воздушниот сообраќај сè уште се опоравува по невремето што донесе мраз, замрзнат дожд и снег во поголемиот дел од западна и јужна Германија.

Не е јасно дали дополнителни летови може да бидат откажани денеска. Портпаролката на аеродромот ги повика патниците да го проверат статусот на нивните летови на интернет пред да отпатуваат на аеродромот.

Аеродромот во Франкфурт е најголемиот и најважен авијациски центар во Германија и е меѓу најпрометните аеродроми во Европа.