Извлечени лица заглавени со моторно возило на Галичица

425

Од Центарот за управување со кризи известуваат дека спасителната акција на Галичица која е успешно завршена во координација на Секторот за операции и координација се одвивала вчера утро од 5 до 8 часот по повик на телефонскиот број 112

 

Заглавени лица  со моторно возило на врвот на Галичица, вчера рано изутрината биле спасени од Единицата за спасување на планина во Охрид.

Како што известуваат од Центарот за управување со кризи, спасителната акција на Галичица која е успешно завршена во координација на Секторот за операции и координација се одвивала вчера утро од 5 до 8 часот по повик на телефонскиот број 112.

Имено, Регионалниот ЦУК – Охрид, рано утрово известил дека имало заглавени лица со моторно возило на врвот на Галичица, иако како што велат од ЦУК, тој патен правец подолго време е затворен за моторни возила.

-Веднаш се известени од Единицата за спасување на планина во Охрид, кои, согласно временската состојба и видливост, итно се упатиле на терен за да помогнат и да ги извлечат заглавените. Секако и сите надлежни институции биле известени за натамошна постапка – соопштија од ЦУК.

Оттаму додаваат дека  паралелно било комуницирано и со лицата заглавени во возилото, за да се дознае повеќе за нивната здравствена состојба. При тоа, биле информирани дека спасителите се на пат за нивно извлекување.

Согласно информацијата од АМСМ за сезонскиот режим на сообраќај, од 15.11.2023 година, патниот правец Охрид- Ресен, преку националниот парк „Галичица“ е затворен за сообраќај за сите видови возила, се до 01.04.2024 година. На самото место била поставена соодветна сообраќајна сигнализација.  

(А.П.)