„Нов живот“ – книга за тоа како Полјаците им помогнаа на бегалците од Грција

127

„Нов живот – како Полјаците им помогнаа на бегалците од Грција“ од полскиот автор Дионисиос Стурис е книга што неодамна излезе од печат, во издание на издавачката куќа „Славика либрис“ од Скопје. Преводот на книгата е на Лидија Танушевска.

„Дали дефинитивно и категорички мора да го одредиме нашиот национален идентитет?“, прашува Дионисиос Стурис, кој му припаѓа на третото поколение грчки бегалци од Граѓанската војна во Грција.

„И самиот со двоен и недоопределен идентитет, им оддава почест на бегалците од Грчката граѓанска војна во 1948 г., преку сведоштвата на Грците и на Македонците од Егејска Македонија, но и преку сопствените истражувања на таа тема. Тие до ден-денес ѝ се благодарни на полската држава и ја чувствуваат како своја и покрај тоа што биле разделени од семејствата, и покрај строгата дисциплина во детските воспитни центри во кои биле сместени децата бегалци, и покрај носталгијата за татковината во која на Грците со децении не им било дозволено да се вратат, а на Македонците никогаш“, посочува издавачот кон книгата.

„Премиерот Андреас Папандреу, шефот на социјалистичката партија ПАСОК, оној што го гонела хунтата пред многу години, во божиќната порака до народот, емитувана на телевизија, прогласил амнестија за некогашните партизани на ЕЛАС и ДАГ и за нивните семејства… Бегалците од македонска националност, според владата во Атина, не биле етнички Грци, па амнестијата не ги опфаќала нив, освен ако не ги сменат името и презимето во грчки, а со тоа и да се одречат од сопствениот идентитет, историја, сопствените предци. За многумина, овој услов сè уште не може да се исполни…“, е еден извадок од книгата.

Дионисиос Стурис (1960) е репортер, автор на документаристички книги и поткасти. Долги години има работено во Радио ТОК ФМ, занимавајќи се со надворешна политика. Тој често пишува за бегалците и за миграцијата, како и за островот Ман и за современа Грција. Дионисиод Стурис е повеќекратно номиниран за престижни награди. Неговата репортажа „Зајдисонце на Санторини“ ја доби наградата „Аркадиј Фидлер“ за книга на годината и на конкурсот на списанието „Патник“ за патопис на годината. Автор е на бестселерот „Калимера. Грчка кујна на радоста“, книга со рецепти од вегетаријанската грчка кујна, како и на книгата за деца „Кала, кала. Грција за љубопитните“.