Жителите на Горна и Долна Бањица, со поддршка на жителите од Здуње и Дебреше, Гостиварско, се жалат и протестираат, ама нема кој да ги слушне. Не се против изградба на коридорот 8, но се против трајно да им се одземат нивите на кои со векови наназад работеле и од кои живеат, особено не сакаат да им ги експроприраат по минимална цена од 650 денари за квадратен метар.
Тие пред два дена одржаа протестен собир на кој ја информираа јавноста почнале да добиваат покани за да подигнат решенија за одземање на земјиште, а претходно не биле информирани за какви градежни работи ќе се користи. Дел од нив сметаат дека цената за експропријација на нивите е пониска од реалната.
Од О2 Иницијатива им даваат поддршка на жителите од овие населени места чие земјоделско земјиште сакаат да го одземат по минимална цена за „Бехтел и Енка“ да изгради на него камп за работници, асфалтни бази, паркинг и др. логистика.
– Нивите ќе се користат за изградба на камп за работниците и логистика и со тоа плодното земјоделско земјиште, кое мора да го чуваме, ќе се претвори во градежно земјиште. „Бехтел и Енка“ си добива 1,3 милијарди евра, а граѓаните кој ги врти – велат од О2 Иницијатива.
Велат дека со градење на пат да се уништуваат ниви за земјоделие значи да се уништува еден народ.
– Коридор 8 опфаќа површина од 130.000 квадратни метри, а околу 600.000 квадрати се планирани за кампови и логистика. Во Законот пишува дека за логистичка потреба, нивите може да се користат привремено, а не трајно да се одземат. Никој не ги известува жителите, не само на овие, туку и на други села, каде што само им испраќаат решение за трајно одземање на нивите по минимална цена со 15 дена рок за жалба. Дополнително, не се информира кога ќе се минира со што се предизвикува вознемиреност особено кај постарите и децата, да се прашуваат дали војна пукнала – децидни се од 02 Иницијатива.
Еден од жителите, Насир Асипи, вели дека живеат во средина каде што секој втор ден се минира и се слушаат експлозии што ги загрижува.
– Сакаат да ни одземат ниви од кои двете села векови живеат од нив, а на некои земјоделието им единствен приход. Сега се соочуваме со насилно одземање на нивите по одредена минимална цена, а ние тоа нема да го дозволиме – вели Асипи, кој нагласи дека нема да се согласат и цената за експропријација да е десет пати повисока.
Најавуваат дека ќе продолжат со блокади на патиштата и ќе почнат со сеидба на своите ниви и нема да им дозволат на работниците од „Бехтел и Енка“ да се приближат.
– Доколку не се преземат мерки од Владата и од надлежните институции, предупредуваме дека сите патишта кои минуваат низ нашите атари ќе бидат блокирани за вработените во компаниите – вели Асипи.
Средствата за експропријација на земјиште долж трасите каде што треба да се градат автопатиштата Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани, Требеништа-Ќафасан и Прилеп-Битола, се проценуваат на околу 300 милиони евра.
За земјиштето што се експроприра, како што претходно беше најавено, државата ќе плаќа пазарна вредност која се пресметува врз основа на данокот на имот што го плаќа сопственикот на недвижноста.
Лани, на 26 април од сметката на ЈП за државни патишта се префрлени 118 милиони евра, потоа на 23 јуни беа исплатени 53 милиони евра, на 28 јули на сметката на „Бехтел и Енка“ легнаа 7,2 милиони евра, на 10 август беа исплатени 3,4 милиони евра, на 2 октомври легнаа 3,5 милиони евра, додека на 9 ноември ЈПДП исплатило 3,6 милиони евра. Вкупната сума досега, која ЈПДП ја исплатило кон „Бехтел и Енка“, изнесува околу 189 милиони евра.
(С.Бл.)