Владата влегува во фотофиниш, се чекаат оставките на Ковачевски и Џафери 

И власта и опозицијата со засилено темпо ги спроведуваат внатрепартиските процедури за изборите, на една недела пред финалните формални подготовки за техничката влада во Собранието, кои, како што најавија од Кабинетот на претседателот на Парламентот, Талат Џафери, по првата средба со координаторите на пратеничките групи, ќе се одвиваат идната недела - од 22 до 28 јануари, кога треба да биде избрана и преодната Влада. Сите табори се убедени во победа и поддршката од гласачите. Лидерот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски, најави дека до средината на февруари ВМРО-ДПМНЕ ќе ги заврши внатрепартиските анкети и ќе го сведе изборот за претседателски кандидат на неколкумина, но кој и да влезе во потесниот избор, убеден е Мицкоски, ќе го победи кандидатот на власта. Во победа на изборите е сигурна и власта. Министерот за внатрешни работи Спасовски, овој оптимизам го темели на тоа дека огромното мнозинство граѓани посакуваат перспективата да ја градат како граѓани на ЕУ.  

248

И власта и опозицијата со засилено темпо ги спроведуваат внатрепартиските процедури за изборите, на една недела пред финалните формални подготовки за техничката влада во Собранието, кои, како што најавија од Кабинетот на претседателот на Парламентот, Талат Џафери, по првата средба со координаторите на пратеничките групи, ќе се одвиваат идната недела – од 22 до 28 јануари, кога треба да биде избрана и преодната Влада. Сите табори се убедени во победа и поддршка од гласачите. Лидерот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски, најави дека до средината на февруари ВМРО-ДПМНЕ ќе ги заврши внатрепартиските анкети и ќе го сведе изборот за претседателски кандидат на неколкумина, но кој и да влезе во потесниот избор, убеден е Мицкоски, ќе го победи кандидатот на власта. На прашањето за претседателскиот кандидат на партијата и дали ВМРО-ДПМНЕ би поддржала и непартиски кандидат, Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ е демократска партија и секој што ќе ги исполни условите може да се јави во внатрепартискиот процес што ќе заврши со конвенција, при што делегатите ќе го изберат кандидатот кој ќе застане зад ВМРО-ДПМНЕ. Во однос на тоа дали очекува некој од партиите од власта да се приклучи, тој рече дека има сигнали од многу од партиите кои се сега во власта и кои биле во власта, да се приклучат кон ВМРО-ДПМНЕ.

-Очекуваме да ја прифатат програмата и платформата што ја нуди ВМРО-ДПМНЕ и врз основа на една таква платформа и програма да ја вратиме Македонија онаму каде ѝ е местото каква што сакавме да ја видиме во оние рани 90-ти. Да биде победничка Македонија, а не ваква опљачкана, понижена и напуштена Македонија, посочи Мицкоски.

Лидерот на опозицијата обвини дека власта не создава услови за фер избори на сите учесници и тоа се гледа од илјадниците активни огласи за вработувања во јавната администрација пред изборите, како и празното место во Државната изборна комисија кое му припаѓа на албанската опозиција, а кое власта не го пополнува.

– Изборите од самиот почеток не се фер, гледате дека не го пополнуваат местото што му припаѓа на албанската опозиција во Државната изборна комисија. Самиот процес од самиот почеток има многу недостатоци, но мора да ги издржиме уште овие три месеци до почеток официјален на кампањата, да ги совладаме а потоа да има одговорност, рече Мицкоски.

Во победа на изборите е сигурна и власта. Министерот за внатрешни работи Спасовски, во интервју за Гласот на Америка, овој оптимизам го темели на тоа дека огромното мнозинство граѓани посакуваат перспективата да ја градат како граѓани на ЕУ.

-Ако ме прашате дали ќе биде тешко, да ќе биде извонредно тешко затоа што ќе треба целиот концепт да се доближи до граѓаните, и да се направи сè, проевропските сили, прогресивните сили, демократските сили коишто знаат да ја водат Северна Македонија, да ја добијат довербата на граѓаните. Останува да работиме посветено, одговорно, да признаеме каде што грешевме. Верувам дека наспроти концептот што значи уназадување, сериозна предност има проевропскиот концепт, вели Спасовски во интервјуто.

Спасовски, кој заедно со актуелниот шеф на државата, Стево Пендаровски, најмногу се спомнува како можен претседателски кандидат, сè уште не открива дали ќе влезе во трката. Тој, во интервју за Гласот на Америка, вели дека личните амбиции се најмалку важни.

– Дебатата за внатре-партиските состојби е отворена по многу прашања. И во однос на кандидатури, давање предлози. Тоа е работа на членовите на СДСМ. За мене е важно оваа европска опција, европски фронт, луѓе кои размислуваат за иднината, да можат да бидат тие што ќе ја добијат довербата на граѓаните. Личните желби и амбиции на кој било поединец во државата се најмалку важни.

Премиерот Димитар Ковачевски минатата недела стави јасно до знаење дека претседателот Стево Пендаровски нема да има предност во внатрепартиската трка за претседателски кандидат на СДСМ. Иако го пофали актуелниот претседател за успешно работење во својот мандат, сепак, Ковачевски истакна дека во номинациската трка и Пендаровски влегува со еднакви стартни позиции како и другите евентуални кандидати за претседателската функција.

Премиерот не го прецизираше датумот кога ќе ја поднесе оставката од премиерската функција, но повтори дека тоа ќе се случи во законскиот рок, кон крајот на оваа недела. Средбата со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски за техничката влада, пак, најверојатно ќе се реализира откако ВМРО-ДПМНЕ ќе ги објави своите предлози за министри и заменици министри. Ковачевски не прецизира ниту дали на избори ќе одат со заеднички листи со ДУИ.

Првиот круг од трката за шеф на државата ќе се одржи на 24 април, а вториот круг ќе биде заедно со парламентарните избори – на 8 мај.

Евроамбасадорот Дејвид Гир, во интервју за МИА порача новата влада што ќе биде избрана после изборите во мај, која и да е таа, како и новиот состав на парламентот, да бидат поригорозни за да се спроведат препораките на Оценската мисија на Европската Унија за работата на Судскиот совет. (В.С.Н.)