Власта се фали со модерно здравство, болните собираат пари за лекување

51

Состојбите во македонското здравство – тема во дневните партиски препукувања меѓу власта и опозицијата. ОД ВМРО-ДПМНЕ денеска обвинија дека наместо бесплатно здравство, како што ветуваше власта, над 100 наши сограѓани годишно собираат пари за лекување, а на клиниките редовно недостасуваат лекови.

-Од ветување за бесплатно здравство од власта до отворање на број за донации за лекување речиси секој трети ден, затоа што Фондот не го покрива лекувањето на пациентите. Со СДС и ДУИ народот е оставен на солидарноста помеѓу себе, власта не прави ништо да му помогне. Редовно недостигаат и лекови по клиниките. Чести се недостатоците на инсулин. Пациентите често се принудени основни работи за апликација на одреден лек во клинички услови да купуваат сами, стои во партиското соопштение.

Од СДСМ, пак, истакнаа дека континуирано се вложува во унапредување и модернизација на здравството како многу важен сегмент. Оттаму велат дека преку многу капитални инвестиции создаваат подобри услови за лекување на граѓаните, како и дека СДСМ ги покачила платите за здравствените работници и лекарите.

– Само овие неколку денови: Клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, е модернизирана со набавка на нови апарати во вредност од 1 милион евра, обезбедени од Владата предводена од СДСМ; Набавен е нов современ апарат за литотрипсија, нов апарат за мамографија со томосинтеза, и лапароскопски столб за изведување на минимално инвазивни хируршки процедури, кој веќе е ставен во функција во оваа Клиника; На Клиниката за ортопедија е пуштена во употреба комплетно реновираната современа хируршка сала, со што се заокружува еден процес кој значи осовременување капацитетите за лекување, интервенции и закрепнување на пациентите; Со инвестиција од 15 милиони денари се овозможува Клиниката да има зголемен број операции за 20% на годишно ниво а со новата опрема за пациентите се обезбедува современа и комплетна грижа; Новата Клиника во Козле, од Институт за белодробни заболувања прерасна во клиника каде што се овозможува и специјалистичка нега на терцијарно ниво; Набавени се голем број на нови апаратури во клиниката за гастроентерохепатологија со комплетно реновиран нов оддел, потоа одделот ендокринологија, Клиниката за токсикологија, како и други клиники, поликлиники и болници низ државата; Граѓаните од Сарај првпат по 50 години добија модерен поликлинички центар, вреден 1,3 милиони евра, истакнаа од СДСМ.

Од партијата тврдат дека реформите и инвестициите во здравство се еден од најважните приоритети на Владата, предводена од СДСМ, па тој процес не застанал ниту во време на најголема здравствена и економска криза.