ИНТЕРВЈУ СО ТРОЈЦА ГЕВГЕЛИСКИ ДОКТОРИ: Состојбата со дијабетесот е алармантна, годишно се регистрираат по 100 нови пациенти!

1599

Шекерната болест незапирливо се шири. Во гевгелискиот регион годишно се регистрираат по 100 нови случаи. Оваа алармантна статистика е запишана во второто надополнето издание на книгата „Дијабетес мелитус како јавен здравствен проблем во општина Гевгелија“, која излезе од печат во издание на гевгелиската библиотека „Гоце Делчев“. Научниот труд, потпишан од д-р спец. Андон Мандиќ, д-р спец. Зоран Димитров и д-р Златко Трајков изобилува со информации за историјата на здравството и дијабетесот во општина Гевгелија, со сегмент за акутните и хроничните компликации од шеќерната болест, како и делови со препораки и решенија во врска со третманот и превенција на територијата на општината, земајќи ги предвид официјалните епидемиолошки податоци.

„Во 1996 година, Центарот за дијабетес започна да работи со 30 регистрирани пациенти или 0,08% кои беа под редовен инсулински третман на ниво на општина Гевгелија и Гевгелискиот регион. Во 2020 година, во архивата на Центарот за дијабетес во град Гевгелија регистрирани се 1.100 лица, кои се на редовен инсулински третман. Тоа се 4.8% од вкупната популација во нашата Општина кои се на редовен инсулински третман. Во 2022 година, бројката на пациенти кои се на редовен инсулински третман изнесува 1.216 пациенти или 5,6% од населението, откриваат авторите на овој научен труд во интервју за весникот ВЕЧЕР. За да се превенира појавата на болеста, препорачуваат поголема физичка активност, избегнување на стресот, балансирање на исхраната…

Љубчо АЛЕКСОВСКИ

Која беше потребата од второ издание на  книгата „Дијабетес мелитус како јавен здравствен проблем во општина Гевгелија“ и кои се авторите?

Д-р Трајков: Потребата за пишување на оваа книга доаѓа алармантноста од состојбата со болеста дијабетес мелитус во општина Гевгелија. Потребата се наметнува сама по себе, поради зголемената појава на оваа сериозна болест во нашата Општина и во Гевгелискиот регион. Од 2020 година до 2022 година бројот на заболени со дијабетес, кои се на редовен инсулински третман, порасна за речиси 1%, односно, за 200 нови пациенти или по 100 пациенти годишно, што претставува сериозна бројка која треба да не загрижува. Затоа потребата за реиздание е оправдана, за да се држи актуелна оваа сериозна тема.

Автори на книгата се: д-р спец. интернист Андон Мандиќ, кој е раководител на Центарот за дијабетес при Општа болница со проширена дејност Гевгелија, д-р спец. хирург Зоран Димитров од Хируршкото одделение и д-р Златко Трајков, општ лекар при ИМП Гевгелија. Сите заедно соработувавме во изготвувањето на овој научен труд.

Сакам да напомнам, дека рецензент на трудот e прим. д-р спец. педијатар Петков Георги од град Гевгелија кој е доктор во медицинската наука, а уредник на трудот e д-р спец. хирург Киров Александар, кој е директор на Општа болница со проширена дејност Гевгелија. Изразуваме посебна благодарност до нив.

Која е улогата на Центарот за дијабетес во Општата болница Гевгелија во превенирање и лечење од дијабетес мелитус?

Д-р Мандиќ: Улогата на Центарот за дијабетес во општина Гевгелија е мултидисциплинарна. Практично, Центарот ја има главната улога во превенирањето и лекувањето на овие пациенти. Имено, Центарот учествува во откривање на новозаболени од оваа болест, во спроведувањето на третманот и поставувањето на инсулинскиот режим кај пациентите, врши и едукација на болните во однос на третманот, исхраната и начинот на живот кај заболените, но  врши и аналитичка дејност во однос на трендот и состојбата на оваа болест во општина Гевгелија и Гевгелискиот регион. Центарот врши и научна дејност.

Организирате едукативни предавања, колку тие им помагаат на граѓаните?

Д-р Мандиќ: Редовно организираме предавање во рамките на Центарот за дијабетес пред пациентите. Тие предавања се многу практични и наоѓаат голема примена кај пациентите со дијабетес кои се лекуваат кај нас. Но, во соработка со општина Гевгелија, планираме во иднина такви предавања и трибини да бидат организирани и на општинско, но и на меѓуопштинско ниво.

За колку е зголемен бројот на пациентите во општина Гевгелија од 1996 година, па сè до денес?

Д-р Мандиќ: Во 1996 година, Центарот за дијабетес започна да работи со 30 регистрирани пациенти или 0,08% кои беа под редовен инсулински третман на ниво на општина Гевгелија и Гевгелискиот регион. Во 2020 година, во архивата на Центарот за дијабетес во град Гевгелија регистрирани се 1.100 лица кои се на редовен инсулински третман. Тоа се 4,8% од вкупната популација во нашата Општина кои се на редовен инсулински третман. Во 2022 година, бројката на пациенти кои се на редовен инсулински третман изнесува 1.216 пациенти или 5,6%.

Се претпоставува дека бројката на дијабетичари надминува и над 2.000 пациенти, земајќи ги во предвид пациентите од сите категории, како: пациентите на редовна таблетарна антидијабетична терапија, потоа, пациентите кои се лекуваат кај своите матични лекари и, што е најзагрижувачки, постои категорија на недијагностицирани или неоткриени пациенти кај која категорија немаме никаков увид. Ако ја уважиме оваа состојба, овој процент би бил и над 8%, заедно со сите категории. Но, се плашам оваа бројка да не е поголема, за што постојат реални показатели, за да размислувам во таа насока.

На што се должи, според Вас, ова зголемување?

Д-р Димитров: Ова зголемување се должи, пред сè, на модерниот начин на живеење што го носи модерното време. Тоа подразбира стрес, дебелината, намалена физичка активност, лоша исхрана, фактори на околината и генетската предиспозиција. Многу честа е појавата, поголем дел од овие ризик-фактори да бидат присутни кај една индивидуа, со што се зголемува ризикот од појава на дијабетес во текот на животот.

Како стоиме во однос на оваа болест во споредба со другите земји од поблиската или пошироката околина?

Д-р Димитров: Во однос на другите земји, дијабетесот е, релативно, исто присутен со исклучок на поодделни земји во кои стапката на болни е поголема за неколку проценти, а во одделни земји е екстремно висока, на пример, како во Пакистан. Но, во најголем број земји низ светот, стапката на болни е, речиси, слична без разлика на економската или културолошката основа на одредена земја. Исто е и кај нас во нашата држава. А, слични бројки се одразуваат и на локално ниво, кога станува збор за општина Гевгелија и Гевгелискиот регион. Во книгата даваме прецизни статистички податоци во однос на светско и на локално ниво.

Кои се првите знаци кои се предвесници дека имаме шеќерна болест?

Д-р Трајков: Дијабетес мелитус е болест со широка рамка на клинички знаци и симптоми. Во основа, болеста се манифестира преку 5–6 клинички знаци и симптоми. Првично, кај човекот кој веќе се стекнал со оваа болест се јавува жед или полидипсија. Како втор клинички знак кој се јавува кај дијабетичарот е прекумерно мокрење или полиурија. Трет клинички знак е сувата уста која, најчесто, е придружена со лепливост на усните. На овие знаци се надоврзува и глад или полифагија. Како придружни симптоми ги имаме изнемоштеноста, слабоста и поспаноста. Малку подоцна, се јавува и мускулна слабост или атрофичност, односно, човекот почнува да слабее поради глад на мускулните клетки за шеќер и нарушување на протеинскиот баланс во самата мускулна клетка. Значи, да сумираме, како првични знаци и симптоми се јавуваат: жед, глад, прекумерно мокрење, лепливи усни, изнемоштеност, слабост, поспаност, а малку подоцна и слабеење.

Какви компликации може да предизвика дијабетесот кај пациентот по неговото здравје?

Д-р Димитров: Компликациите кои може да ги предизвика оваа болест ги делиме во две категории: акутни и хронични. Во акутните компликации, најчесто застапени се: хипергликемијата, дијабетичната кетоацидоза, хиперосмоларна состојба која може да прогредира во супор, кома и смрт, и хипогликемијата. Додека, пак, во хроничните дијабетични компликации предизвикани од шеќерната болест, спаѓаат: микроваскуларни компликации – ретинопатија и нефропатија;   макроваскуларни компликации – атеросклероза, хипертензија, метаболичката  хипертриглицеридемија, а последователно на овие компликации, многу често доаѓа до акутен миокарден инфаркт и мозочен инсулт; невропатија; улцерации на стапалата кај дијабетес од циркулаторно и неврогено потекло, кои можат да завршат со ампутации на долните екстремитети; и инфекција.

Како се превенираат овие компликации?

Д-р Трајков: Компликациите најчесто се превенираат со навремено откривање на дијабетесот, навремена регулација на гликемијата во крвта, редовни контроли, но, најважно е примена на хигиенодиететски режим и примена на здрави навики и стил на живеење. Овие моменти се крупни чекори и претставуваат пресвртница во превенирање на компликациите кои може да ги предизвика оваа болест.

Работите ли на друг труд кој е поврзан со слична тематика?

Д-р Трајков: Да, работиме на уште два труда кои ја засегаат општина Гевгелија. Едниот е научна еволуација на појавата на срцеви заболувања, поточно, акутниот миокардијален инфаркт кај популацијата во општина Гевгелија. Додека, пак, другиот труд е постхумно издавање на книга за болеста таласемија која претставува ендемска болест во град Гевгелија и Гевгелиската околија. Овој постхумен труд е авторско дело на прим. д-р спец. педијатар Петков Ѓеорги од град Гевгелија, а ние се јавуваме како уредници на неговиот истражувачки материјал, за кој д-р Петков не бил во можност да го редактира и објави. Прим. д-р Петков Ѓеорге беше врвен научник, доктор во медицинската наука и чест и задоволство ќе ни биде да застанеме зад неговата долгогодишна професионална научна работа во областа на медицината.

Каква е состојбата кај пациенти со компликации кои бараат хируршки третман?

Д-р Димитров: Пред извесен период од неколку години, компликациите од дијабетес кои бараа хируршки третман беа многу чести. Исто така, доста чести беа и хируршките интервенции кои бараа ампутирање на прсти, стапала или цели долни екстремитети. Меѓутоа, во последните неколку години, овие компликации се сведени на минимум. Тоа се должи, пред се, на адекватната организација на Хируршкото одделение, Интерното одделение и другите засегнати специјалности, но најмногу се должи на работата на Центарот за дијабетес при Општа болница со проширена дејност Гевгелија кој има улога во едукација на пациентите болни од дијабетес за последиците од нерегулирање на болеста. Свеста за последиците од болеста кај пациентите е крената на повисоко ниво и овие реални закани пациентите ги прифаќаат посериозно, навремено и поодговорно. Сето тоа дава голем резултат. Се помалку доаѓаат пациенти кои се со компликации на долните екстремитет, а ампутациите се, речиси, сведени на минимум. Тоа е голем успех за нашата гевгелиска болница и за нашето општество каде дијабетесот го зема својот данок.

Кој е Вашиот совет за граѓаните да не станат ваши пациенти?

Д-р Мандиќ: За да превенираме појава на шеќерна болест треба, најпрво, да го усогласиме начинот на поимање и разбирање на животот со реалните и природните потреби на човекот. Очигледно е дека зголемената појава на оваа болест се должи на модерниот начин на живеење кој го донесе глобализацијата. Од колосек се изместија стандардните животни навики и вредности кои човекот го правеа посмирен и порелаксиран. Од друга страна, физичката активност е се помалку присутна кај народот. Физичката активност е директно поврзана со превенција од појава на дијабетес.

Исто така, треба да се напомни, дека стресот зазема важна улога во појавата и придонесот на оваа болест. Модерниот начин на живеење носи и голем животен стрес. Луѓето посегнаа во трка за остварување на повеќе материјални добра, а не успеваат да ги постигнат своите цели. Затоа се  изложени на постојан внатрешен притисок. Треба да се трудиме, колку што можеме, животот да го правиме поедноставен, а не да го комплицираме. Значи, да практикуваме повеќе физичка активност, да го избегнуваме секојдневниот стрес, да ја балансираме исхраната и да бидеме задоволни од животот. Тоа е во основа најдостапна превенција и мој совет за секого.