Вработените од Општина Карпош протестираа против недонесување на буџетот

59

Вработените во општинската администрација денеска се собраа да го изразат своето незадоволство и стравот од последиците поради недонесувањето на буџетот на Општина Карпош за 2024 година.

Велат дека причина за тоа е несовесното и противзаконско работење на дел од членовите на Советот, поточно на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Роберт Вељановски, Марјан Стефановски, Адријана Јакимовска Панчевска, Благица Цветановска, Христо Саракинов и Давор Грче, како и членот на Советот од Независните за Карпош, Невена Георгиевска и претседателот на Советот на Општина Карпош, Бранко Ристов, претставник на Левица.

-Оваа нивна непромислена одлука, која е спротивна на уставниот поредок на Републиката, спротивна на законските одредби и спротивна на Деловникот за работа на Советот на Општина Карпош, го доведува под знак прашалник целокупното функционирање на локалната самоуправа. Со овој нивен чин, тие докажаа и покажаа дека работат спротивно на интересите на граѓаните од кои ги добија мандатите – сметаат вработените.

Додаваат дека тоа значи оти општината од 1 јануари 2024 година нема основ ниту пак средства да ги плати редовните режиски трошоци (телефон, струја, вода, греење) во општинските објекти, како и во училиштата и градинките. На тој начин на општинската администрација ќе ѝ биде оневозможено правото на работа и извршување на работните обврски, бидејќи ќе бидеме лишени од основните услови за работа. Со тоа, општинската администрација не може повеќе да биде сервис на приближно 70.000 жители на Општина Карпош.

Вработените се обратија до Обвинителството да преземе мерки против незаконското и злонамерно работење на претседателот на Советот и повеќекратните штети предизвикани со неговиот неодговорен однос.