Ковачевски: За случајот со внукот на Али Ахмети се постапува како и за секој друг граѓанин

72

Случајот со заплената на поголема количина пиротехнички средства во возилото на внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмети, е процесуиран во Обвинителството како и за секој граѓанин, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

– Мојот став е таков како што е и од институциите дека се работи за регуларна проверка во која било идентификувано лице што внесувало пиротехнички средства. Целиот случај потоа му е предаден на Обвинителството, како и за секој друг граѓанин – рече Ковачевски на новинарско прашање во однос на наводни шпекулации дека политиката замешала прсти во случајот со Дрин Ахмети.

Според полицискиот извештај, на 30 декември, во 19:50 часот, на улицата „Самуилова“ во Скопје, полициски службеници запреле патничко моторно возило „ренџ ровер“ со албански регистарски таблички, управувано од Д.А. (25) од кичевското село Зајас. При преглед на возилото, пронајдени се 749 пиротехнички средства. Лицето е приведено во полициска станица и по документирање на случајот, ќе биде поднесен соодветен поднесок, соопштија од МВР.

Од Основното јавно обвинителство – Скопје, во врска со пронајдените пиротехнички средства, соопштија дека ќе одлучуваат откако ќе се направи нивно вештачење. За настанот е известен јавен обвинител. Во зависност од фактите што ќе бидат утврдени со вештачење на пронајдените пиротехнички средства, јавниот обвинител, посочуваат, ќе одлучува за натамошниот тек на постапката.

Претходно, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека се преземени сите потребни активности од полициски аспект и оти понатаму Јавното обвинителство треба да оцени како ќе постапува со овој случај.