Газдите што не исплатиле К-15 досега, сега ќе мора да исплатат 15.081 денар. Толку моментално изнесува минималниот износ на регресот за годишен одмор, кој поради порастот на просечната плата во октомври на 38.843 денари, од 14.000 скокна на 15.000 денари. Просекот во државата го креваат вработените во компаниите од енергетиката, снабдувањето со гас, програмерите, Mакедонска навигација – МАНАВ од јавниот сектор, како и банките, осигурителните и фармацевтските компании од приватниот сектор.
– Минималната сума за К-15 надмина 15 илјади денари. И покрај тоа што газдите имаат уште 10-ина дена рок да ја исполнат оваа законска обврска, досега во ССМ за неисплаќање на регресот се пристигнати над 2.500 пријави. Овие пријави се од работници што работеле 6 месеци кај еден работодавец, го напуштиле и тој не им исплатил К-15. Исто така, има случаи каде што бил исплатен К-15 помал од законски предвидениот износ – изјави за весникот ВЕЧЕР Иван Пешевски, потпретседател на Сојузот на синдикати на Македонија.
Казните за неисплатен регрес за годишен одмор стигнуваат и до неколку илјади евра. За неисполнување на обврската, предвидена е глоба до 4.000 евра, од кои од 2.000 до 3.000 евра за фирмата и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице. Предвидена е и казна затвор од една година за работодавците што си поигруваат со исплатата на регресот за годишен одмор, односно префрлаат пари на трансакциската сметка на работниците, а потоа бараат делумно или целосно да им ги вратат.
– По Нова година, газдите што не исплатиле К-15, ќе бидат казнети. Освен парични казни, ќе следуваат и затворски казни за тие што се обидуваат да го изиграат законот. Согласно со новиот договор, оваа година и државните институции треба да исплатат К-15 од минимум 10.000 денари – додава Пешевски.
Од Синдикатот велат дека во приватниот сектор има компании што веќе го исплатиле максималниот износ на К-15, односно 38.000 денари.
Пешевски вели дека овој пораст не е доволен, бидејќи потрошувачката кошничка, која минатиот месец беше 49.000 денари, овој месец ќе надмине 50 илјади денари. Така, за да се задоволат минималните потреби на едно четиричлено семејство, потребни се една минимална и една просечна плата.
Според статистиката, највисоки плати се исплаќаат во ИТ-секторот – над 92 илјади денари, во воздухопловството над 76 илјади, во фармацијата и во банките. Има покачување и во преработувачката индустрија, каде што просекот достигна речиси 34 илјади денари.
(А.С.)