Лицето што беше завеано на планината Кожуф, во својата викендичка, заедно со своите две кучиња е евакуирано во својот дом во Кавадарци. Тој првично ја одби помошта од Општина Кавадарци да биде превезен со теренски четирицикл, бидејќи не знаеше што да прави со своите две кучиња.
Како што известуваат од регионалниот центар Кавадарци, екипа од Зимската служба за одржување улици и патишта на Општина Кавадарци, вчера, со трактор со специјализирана опрема – нож за сечење дрва и едно теренско 4×4 возило организирала акција за да го извлече лицето, завеано во месноста Гетеново над селото Радња, а со себе имала и човек што добро го познавал теренот (бидејќи се работи за планински терен надвор од селото, каде што има само викендички со голема оддалеченост една од друга).
– Патот дотаму е земјен, а висината на снежната покривка е околу половина метар. Имало многу искршени гранки и дрвја од тежината на снегот, кои го попречувале планинскиот земјен пат – велат од ЦУК.
Оттаму додаваат дека доцна вечерта, од Регионалниот ЦУК Кавадарци се јавиле и известиле дека се слушнале со човекот и оти тој е дома и е во добра состојба. Тој изразил голема благодарност до Општина Кавадарци и до сите инволвирани во безбедната евакуација.
Притоа, информацијата, преку медиумите, предизвикала и хумана реакција од општеството, односно се јавиле поединци и здруженија да помогнат, но, како што соопштија од ЦУК, било оценето дека Зимската служба за одржување улици и патишта на Општина Кавадарци била доволна за да ја изведе спасувачката акција за завеаниот граѓанин.
(А.П.)