Во Ерусалим денеска околу 17 часот по локално време се огласија сирените за воздушен напад.
Сирените за воздушен напад денеска се огласија во Ерусалим околу 17 часот по локално време, а одбранбениот систем „Железна купола“ на земјата пресретна ракети над градот, соопштија израелските одбранбени сили (ИДФ).
„По 70 дена континуирано ракетно истрелување низ целата земја, како што се приближува Шабат, сирените се огласуваат во Ерусалим“, се вели во соопштението на ИДФ.
Тоа беше првиот ракетен напад врз градот во последните недели, објави Би-Би-Си.
Претходно денеска, советникот за национална безбедност на американскиот претседател, Џејк Саливан, разговараше во Ерусалим со израелските власти за нестабилната ситуација долж либанско-израелската граница, нагласувајќи дека Вашингтон нема да толерира закани од либанската милитантна група Хезболах во северен Израел, но дека тие може да се решат дипломатски.
Претседателот на палестинските власти, Махмуд Абас, денеска се сретна со Саливан во Рамала. По тој повод, Абас ја истакна потребата од итен прекин на израелската агресија врз Палестинците, особено во Појасот Газа, пренесе палестинската новинска агенција ВАФА.