Санчез: Време е ЕУ да ги отвори вратите за Украина, Молдавија и земјите од Западен Балкан

192
EPA-EFE/RONALD WITTEK

Време е ЕУ да ги отвори вратите за Украина, Молдавија и за земјите од Западен Балкан, побара денеска шпанскиот премиер Педро Санчез во говорот пред Европскиот парламент во Стразбур по повод претстојниот крај на претседавањето на неговата земја со Советот на ЕУ.

„Го започнав шпанското претседателство со патот во Киев и се надевам дека ќе го затворам со отворање на пристапните преговори со таа земја“, изјави денеска Санчез во Европскиот парламент.

Санчез изрази надеж дека шпанското претседателство ќе заврши со почеток на преговорите со Киев.

-Се надевам дека наскоро ќе го прославиме повлекувањето на руските сили од Украина и траен чесен мир во оваа земја која се бори за својата и за нашата слобода, рече шпанскиот премиер.

Шпанското претседателство со Советот на ЕУ завршува на 31 декември 2023 година. На самитот во четврток и петок лидерите на ЕУ треба да одлучат за препораката на Европската комисија за отворање на пристапните преговори со Украина и Молдавија. Иако оваа препорака е поддржана од 26 земји-членки, не е сигурно дека ќе биде усвоена бидејќи Унгарија се заканува со вето.