Предупредување: ОПАСНИ ХЕМИКАЛИИ ВО СЕКОЈ ПЕТТИ ПРОИЗВОД

172
pexels.com

Европската агенција за хемикалии (ECHA) во средата објави дека во 400 од 2.400 производи кои биле контролирани во 26-те земји-членки на Европската унија минатата година, биле откриени токсични материи, пренесува Танјуг повикувајќи се на EuObserver. Утврдено е дека една од четири играчки, како што се кукли, костими, душеци за играње и пластични фигури, ги прекршуваат законите на ЕУ за опасни хемикалии.

Националните агенции на ЕУ открија „прекумерно ниво на опасни хемикалии“ како што се олово и пластификатори во 18 отсто од тестираните производи за широка потрошувачка. Најчесто контролирани производи кои содржат токсични хемикалии се електричните апарати, спортската опрема, играчките и модните производи.

Присилни мерки во четвртина од случаите

Извештајот нагласува дека увозниците и онлајн пазарите, вклучително и Амазон, имаат повисока стапка на неусогласеност со правилата на ЕУ отколку производителите и дистрибутерите.

Во 39 проценти од случаите, компаниите решиле доброволно да ги повлечат своите производи од пазарот, а исто така и од нивните веб-страници. Сепак, инспекторите од различни агенции на ЕУ донеле извршни мерки во четвртина од случаите, иницирајќи повеќе формални и законски обврзувачки дејствија за непочитување, додека 58 од најтешките случаи биле предадени на полицијата или на јавното обвинителство.

Истрагата покажа дека компаниите не го почитувале водечкото законодавство на ЕУ за хемикалии REACH во 13 отсто од случаите. Но, половина од прекршувањата се однесуваат на правилата за употреба на одредени опасни хемикалии во електрична и електронска опрема.

Во ноември, истрагата на ECHA, исто така, наводно открила токсични хемикалии во производите за нега на бебиња, како што се пелени, детски седишта за автомобил, патенти и простирки за повивање бебиња. Кога станува збор за пелени, истрагата покажа дека овие производи може да содржат токсични хемикалии и метали како кадмиум, кобалт и олово.

Исто така, се додава дека во 2020 година Франција предложила ограничување на опасните материи во пелените за еднократна употреба, но Европската комисија ја затворила постапката откако француските власти не презентирале доволно научни докази.