Здружението на инженери на Македонија поднесе претставка до надлежните институции за одлуката за концесија за хидроцентралата Чебрен. Оттаму сметаат дека проектот за изградба на хидроцентралата Чебрен по пат на јавно – приватно партнерство е штетен и со него се нарушува електроенергетската независност на земјава и се дава на управување воден ресурс кој е веројатно најзначаен во овој век.

– Претставката ја поднесовме поради сомневање дека со општите акти на Владата во постапката при подготовката и реализацијата на јавниот повик за доделување концесија за користење вода за производство на електрична енергија со изградба на хидроелектрични централи на Црна Река се направени бројни суштински, правни, економски и стручно-научни недостатоци со кои се загрозуваат     суверенитетот, територијалната целина и основите на економските односи определени со Уставот, како и уредувањето на територијата за потребите на одбраната предвидени со Планот за одбрана на Републиката согласно одредбите од Законот за одбрана – се вели во соопштението.

Здружението на инженери очекува надлежните органи да постапат по претставката и да го замрзнат процесот за потпишување на договор за јавно-приватно партнерство сѐ додека не се истражат, потврдат или отфрлат нивните сомневања.

Преставката е испратена до Уставниот суд, Државното правобранителство, Државната комисија за спречување на корупцијата, Државниот завод за ревизија, Јавното обвнителство и Бирото за јавни набавки.