Во 2020 година бројот на македонски државјани кои поднеле барање за добивање на бугарско државјанство бил 2.551, во 2021 година – 3.428, во 2022 година – 2.051, а од почетокот на оваа година до 24 ноември овој број изнесува 2.990 лица, пишува новинската агенција БГНЕС, повикувајќи се на податоци од бугарското Министерство за правда.
Властите во Софија во последните три години регистрираат двојно зголемување на барањата за бугарско државјанство. Агенцијата наведува дека согласно членот 29 став 1 од Законот за бугарско државјанство за стекнување бугарско државјанство во периодот од почетокот на јануари 2020 до 24 ноември годинава поднесени биле вкупно 75.805 барања.
Најголем скок има кај граѓаните на Турција кои аплицирале за бугарско државјанство, додека кога станува збор за македонски државјани најмногу барања за бугарски пасош имало во 2021 година.
Постојан интерес за стекнување бугарско државјанство покажуваат и граѓаните на Молдавија, Албанија и Србија, каде, како што наведува БГНЕС има бугарски малцинства.
Очигледен, се наведува, е и растот на граѓани на Руската Федерација кои сакаат да станат бугарски државјани – од 279 во 2020 година на 2.261 лица оваа година.
Периодот во кој се вршат проверките на документите е осум-девет месеци, а се однесува на испраќање барања за проверки преку конзуларните служби на бугарските дипломатски претставништва во странство до надлежните странски органи.