ГЕОЛОЗИТЕ ПРЕДУПРЕДУВААТ: Минирањата во Прилепско ќе го уништат наоѓалиштето на минералот македонит

1300

Комитетот за заштита на природното и културно наследство упатува апел до МВР да спречи уништување на познатото наоѓалиште на минералот „македонит“ во „Црн Камен“ во Прилепско.

Во писменото известување до Полициската станица Прилеп, потпишано од инженерот геолог Васја Дамески, се наведува дека се вршат подготовки за масовни минирања на сиенитите во близина на село Алинци, во близина на „Црн Камен“, за потребите на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. 

Според неговата информација на локалитетот веќе копаат машините на „Бехтел и Енка“, со што прават огромна штета на македонското минерално богатство.

– Веќе е направено едно минирање, а во моментов поголем број тешки машини и друга технологија се анагажирани на локацијата и изведуваат ископи, дури и преку ноќ. Ако не се реагира итно, ова познато наоѓалиште на минерали ќе биде уништено, а веќе се направени сериозни оштетувања и се врши континуирано девастирање на теренот – вели Дамески во известувањето.

Тој потсетува дека наоѓалиштето „Црн Камен“ претставува геолошки музеј на отворено небо.

– Специфичноста на ова наоѓалиште се и ретките минерали парагенези кои вклучуваат минерали на ураниум. Тука е пронајден и еден од најголемите кристали на титанит, со тежина од неколку килограми. Ова наоѓалиште е познато по тоа што тука е откриен нов минерал што го носи името на нашата земја „македонит“. Затоа ова наоѓалиште е значајно не само од геолошки, туку и од економски аспект, бидејќи содржи уникатни и високовреднувани минерали. Наоѓалиштето е добро познато во научните кругови, се имаат изработено многу научни трудови и е често посетувано од геолози од земјата и странство – посочува Дамески.

Минералот македонит кристализира четириаголно и обично се јавува во кристални облици што се комбинација на призми. Има црна боја со кафеава нијанса и стаклеста сјајност. Во пегматитско-хидротермалните жици кај Алинци, македонитот се јавува заедно со амазонитот, кварцот, титанитот, рутилот, анатасот и монацитот.

(С.Бл.)