Театарот „Војдан Чернодрински“ со претствата „Дупло дно“ од Горан Стефановски, во режија, дизајн на сцена и костими на Наташа Поплавска, ќе гостува во Ниш, Р. Србија.

На 30 ноември од 20.00 ч. ќе ја изведе претставата во Нишкиот театар. Нишките медиуми веќе го најавуваат гостувањето на нашиот театар, за кое има голем интерес кај публиката.

Во претставата играат:МАРИЈА СПИРКОСКА ИЛИЈЕСКА – Кристина, ДАНИЕЛА ИВАНОСКА – Параскев, ДИМИТАР ЃОРЃИЕВСКИ – Божо, ИГОР ТРПЧЕСКИ – Јаков, ЗОРАН ИВАНОСКИ – Лудакот и МИХАЈЛО МИЛЕНКОСКИ – Нове.

Композитор на музиката е Ристо Вртев

„Дупло дно“ е театарска пасија во три става и кода

Инаку, Горан Стефановски ја пишува драмата „Дупло дно“ во 1983 нарекувајќи ја “пасија во три става и кода” што наликува на музичката форма свита и во неа ги отвора проблемите на поединецот уметник, лудак и револуционер наспроти системот, отелотвотворен во ликот на министерот за култура.  Различните општествени позиции тој ги изложува преку дебата и спротиставени ставови за смислата на уметничкото творење, а ликовите на уметникот Јаков, Министерот за култура Божо, неговата сопруга домаќинката Параскева, нивната  депресивна ќерка, балерината Кристина и специјалниот советник Нове ги става во апокалиптична иднина, лудо минато и револуционерна сегашност. Стефановски иако делото го завршува со кода, тој не ни дава разрешница, туку ги остава нивните позиции непроменливи, а ја отвора дилемата колку и како уметничката стварност кореспондира со реалноста.

Наташа Поплавска во „Дупло дно“  од Стефановски го отвора  прашањето како уметничката стварност денес кореспондира со реланоста. Таа го прикажува лажниот ангажман на уметниците кои се борат за “уметничката слобода”, а всушност се борат за позиција на министри за култура со цел да ги задоволат своите лични интереси и заработки, така што чистата уметност станува памфлет за статус. Во целото лудило и безнадежност на постојано менување на власта и сквернавењето на хуманистичката линија кај уметникот, безнадежната балерина, ја бара вистината за себе.