Пензионерите кои што се со месечни примања до 14.000 денари во наредните пет месеци ќе добиваат по 3.000 денари државна помош. За пензионерите со пензии од 14.000 до 16.000 денари државната помош ќе изнесува 2.000 денари, а по 1.500 денари дополнителни средства за пензионерите кои земаат пензија од 16 до 19.000 денари.
Со владините антикризни мерки се опфатени и основците од семејства со примања под 50.000 денари. Тие ќе добиваат по 1.200 денари месечно во следните шест месеци. Средношколците ќе добиваат по 1.800 денари месечно, 15 илјади студенти ќе добијат ваучер за превоз во вредност од 600 до 1.200 денари.
Како дел од антикризните мерки се и самохраните родители, родители на деца со попреченост за кои се пбезбедени по 1.000 денари месечно.
Ова е само дел од мерките кои се донесени на денешната владина седница, каде е усогласен деветиот пакет антикризни мерки, во вредност од 662 милиони евра. Овој пакет содржи 26 мерки за социјална сигурност насочени кон ранливите категории на граѓани и компании.
Со мерките се опфаќаат 120 илјади млади лица, над 74 илјади социјално ранливи категории на граѓани, над 187 илјади пензионери, 40 илјади земјоделци, 540 илјади корисници на апликацијата „МојДДВ“, 600 илјади домаќинства, како и над 70 илјади компании.
Мерките ќе важат од 1-ви декември и финансиските средства се предвидени според Буџетот.