Најдобриот кошаркар во историјата на Порторико, Пикулин Ортиз (60), откри дека боледува од рак на дебелото црево.
Лошата вест ја сподели на Инстаграм. Во своето обраќање, меѓу другото, испрати и важна порака за малку помладите од него, кои штотуку влегуваат во „зрелите“ години: да се грижат за своето здравје.
- Како човек што научил да се соочува со лични проблеми, морам да ве информирам дека на 2 ноември ми беше дијагностициран рак на дебелото црево. Сите во моето семејство се подготвени за оваа борба и позитивно гледаат на сè што претстои, иако моментно не е лесно. Ќе дадам сè од себе, како што направив на теренот, и во овие тешки моменти во мојот живот. Само бараме да се молите за нас. Би сакал да испратам порака до луѓето од 45 до 50 години. Не плашете се од колоноскопија. Прегледот е превенција, треба да размислите за тоа. Мислев дека има некој друг проблем, го направив прегледот и излезе дека имам рак – истакна Ортиз.