Над 140 повредени во пожарот во дискотеката во Кочани се згрижени во текот на вчерашниот ден, 90 се наоѓаат во болниците во земјава, а 44 се прифатени во болници во странство. Уште осум повредени треба да бидат пренесени во Хрватска и во Романија, информира директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
Клековски синоќа информора дека во Клинички центар се хоспитализирани 20 повредени, во ГОБ 8 септември – 20, во „Свети Наум Охридски“ – 21,во Клиничка болница Штип – 20, Општата болница во Кочани седум и на Токсикологија – двајца. Има пациенти и во приватните болници Аџибадем Систина и Жан Митрев.
Во странство се прифатени 44 повредени и тоа во Србија – 17, Бугарија – 14, Турција – девет и во Грција – четири. Бројките се менуваат поради пренесување на повредените во други болници, потенцираше Клековски.
Тој нагласи дека пристигнатите во странство се стабилни.
Клековски најави дека доцна синоќа и рано утрово ќе заминат уште осум повредени лица во странство, по четири во Хрватска и во Романија. Имало можности за префрлување повредени и во Словенија и Унгарија по четири лица и Австрија – шест лица.
Тој потсети дека во Клинички центар функционира Кризниот штаб на Министерството за здравство, во одлична координација со МВР и МНР.
-Состојбата на сите пациенти се набљудува и конзилијарно се одлучува за понатамошните постапки, додаде Клековски.
Синоќа пристигнал еден тим од ВМА Белград. Се очекуваат медицински тимови и од Чешка, Израел и Белгија.
-Сите повредени се згрижени најдобро што можеме, нагласи директорот на ФЗО Клековски.