Република Македонија одбележува 33 години независност како држава членка на воено-политичкиот сојуз НАТО и како држава посветена на својата аспирација да стане членка на Европската Унија.

На 8 септември 1991 година на референдум, на кој  излегоа над 95 отсто од македонските граѓани, убедливо мнозинство се изјасни за самостојна и суверена држава на прашањето „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.

На референдумот му претходеше Декларација за независност што првиот повеќепартиски македонски Парламент ја усвои на 25 јануари 1991 година. Формално, волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија.

Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година. Меѓународно ­правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181. полноправна членка на светската организација. Поради противењето и притисоците од страна на Грција, која не го прифаќаше уставното име на Република Македонија, зачленувањето во ОН беше под привремената референца Поранешна Југословенска Република Македонија (БЈРМ/FYROM).

Распадот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија настана како резултат на низа политички немири и судири во почетокот на деведесеттите години од 20 век.

По распадот на поранешната држава СФР Југославија, се формираа самостојни држави, меѓу кои и тогашната Република Македонија, денес Република Северна Македонија. По прогласувањето на независноста, меѓу првите држави што ја признаа државноста на Македонија беа Турција и Бугарија, како и Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина, а потоа и други држави.

По изгласувањето на Декларацијата за сувереност на државата, Киро Глигоров беше избран за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија од страна на Собранието на Република Македонија на 27 јануари 1991 година. Државата монетарно се осамостои со воведувањето на денарот на 26 април 1992, а потоа доби и своја армија.

Низ годините Македонија беше со референцата БЈРМ, се преговараше со Грција за решавање на проблемот со името, а се интензивираа по промената на власта во земјава, кога во 2017 година на власт дојде Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), предводен од тогашниот премиер Зоран Заев.

Под покровителство на Обединетите нации (ОН), беше постигнат Договорот за решавање на спорот за името и стратешко партнерство познат како Преспански договор, кој беше потпишан во јуни 2018 година на грчката страна од Преспанското Езеро во село Нивици.

Според овој договор, земјата го смени своето име од Република Македонија во Република Северна Македонија, а по потпишувањето на Договорот следуваа чекорите за неговото спроведување, како што се одржувањето референдум во Северна Македонија, што се одржа во септември 2018 година. Прашањето на референдумот беше „Дали сте за НАТО и ЕУ со прифаќање на Договорот меѓу Македонија и Грција?“.

На референдумот излегоа 36,91 отсто од вкупниот број гласачи, со што не беше постигнат потребниот цензус за излезност од 50 отсто од вкупниот број регистрирани гласачи. Од гласачите што излегоа на референдумот, 91,46 отсто гласаа „за“. Потоа, во Собранието со двотретинско мнозинство беа изгласани уставните измени, со цел промена на уставното име.

Исто така, Договорот беше ратификуван и во Парламентот на Грција, а потоа следуваа и наредните фази предвидени од Договорот и унапредувањето на односите на овие две соседни земји, кои со Преспанскиот договор го решија повеќедеценискиот спор и отвореното прашање што беше бариера за евроатлантските интеграции на земјата.

Членството во најголемиот воено-политички сојуз во светот, НАТО, во изминатите години беше стратешка цел на земјата. Во 1999 година, на Самитот во Вашингтон, Македонија стана кандидат за полноправно членство во НАТО.

Откако стана кандидат за членство во НАТО, земјата беше најблиску до влезот во оваа алијанса на Самитот што се одржа пред 12 години во Букурешт. Тогаш, во 2008 година, беше оценето дека земјата е целосно подготвена да ја добие поканата, но Грција го употреби правото на вето и го услови влезот на Македонија со решавањето на деценискиот спор за името, што беше најголемата пречка во процесот на зачленување.

По постигнувањето на Преспанскиот договор се отворија вратите на земјата за напредок на евроатлантскиот пат. Во јули 2018 година, земјата доби покана од НАТО за почеток на пристапните преговори, а во февруари 2019 година земјите членки на НАТО  го потпишаа Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО, а потоа парламентите на сите членки на Алијансата го ратификуваа Протоколот за пристапување, со што земјата на 27 март 2020 година и официјално стана 30. членка на Алијансата.

Решавањето на отворените прашања со соседите беа клучните точки на кои работеше Владата во изминатите години, со цел отворање на перспективите во поглед на интеграциите во НАТО и ЕУ.

Освен Договорот за решавање на спорот за името со Грција, во август 2017 година беше потпишан Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Македонија и нејзиниот источен сосед, Бугарија.

Според Договорот, формирана е Заедничка историска  комисија која треба да постигне согласност за историографските факти и документи што се однесуваат на заеднички историски настани и личности.

Иако на Македонија и беше ветувано дека по решавање на спорот со името ќе  бидат отворени вратите за почеток на пристапни  преговори со Европската Унија, тоа ден денес не се случи, а земјава како што изјави тогашниот премиер Заев  остана „жртва на историска грешка на ЕУ“. Одлуката на ЕУ, што беше резултат на немање консензус помеѓу земјите членки на Унијата и на особено изразеното противење на Франција, која се спротивставуваше на носењето одлука за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, доведе до промена на методологијата за водење на пристапните преговори за членство во ЕУ. Потоа, само неколку месеци подоцна, односно во март месец 2020 година, ЕУ ја објави својата официјална одлука за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.

Во пресрет на одлуката за започнување на преговорите на Северна Македонија со ЕУ во септември 2020 година, Бугарија им испратила на земјите членки на ЕУ објаснувачки меморандум, што се состои од шест страници со долги историски образложенија за „државна антибугарска идеологија“ во Северна Македонија. Софија бараше поддршка од нив за нејзиниот став во врска со македонскиот идентитет и јазик.

Во меморандумот се вели дека земјите кандидати не треба да внесуваат отворени спорови во ЕУ, и се смета дека несогласувањата со Скопје претставуваат нерешен конфликт што „би можел при зачленувањето на Северна Македонија негативно да влијае врз носењето одлуки во ЕУ“.

Бугарија во меморандумот споделен со земјите членки на ЕУ нагласува дека „македонскиот јазик или идентитет не постоеле до 2 август 1944 година“, и дека тие се создадени со цел да се поделат односите меѓу народите во Социјалистичка Република Македонија и Бугарија. Софија смета дека македонскиот јазик е регионален дијалект на бугарскиот јазик.

На 17 ноември 2020 година, по одржаната онлајн конференција на министрите за европски и надворешни работи на земјите членки на ЕУ, тогашната министерка за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, соопшти дека нејзината земја ставила вето на преговарачката рамка на Северна Македонија за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Таа, меѓу другото, изјави: „Држава заснована врз идеологија на непријателство кон Бугарија нема место во ЕУ.“

По ветото од Бугарија, следеше Францускиот предлог и уште едно барање за Македонија- повторно да го смени Уставот и да ги внесе Бугарите во преамбулата. Новата власт во Македонија, предводена од премиерот Христијан Мицкоски не отстапува од ставот, Бугарите да влезат во Уставот кога земјава ќе стане членка на ЕУ, а Софија инсистира тоа да се случи веднаш без одложување доколку Македонија сака да стане дел од Европското семејство.