78-мо доделување на наградите на БАФТА: Признанието за најдобар филм заврши кај фаворитот/видео

566

Ватиканскиот трилер „Конклава“ на германскиот режисер Едвард Бергер ја освои наградата за најдобар филм на 78. доделување на наградите на Британската академија за филмска и телевизиска уметност (БАФТА) вечерва во Лондон, пренесува Бета.

За таа категорија се натпреваруваа и филмовите „Тотален анонимец“, „Анора“, „Бруталистот“ и „Емилија Перез“.


Американецот Брејди Корбет вечерва ја освои наградата за најдобар режисер за филмот „Бруталист“, тричасовна приказна за архитект кој го преживеа холокаустот, кој го игра Адриен Броди.

Броди ја освои наградата за најдобар актер, а наградата БАФТА за најдобра актерка и припадна на актерката Мики Медисон за нејзината улога во филмот „Анора“.

Францускиот мјузикл „Емилија Перез“, кој беше еден од фаворитите, освои две награди – за најдобар странски филм и за најдобра споредна женска улога, која и припадна на актерката Зои Салдана.

Наградите БАФТА, како и наградите на Здружението на продуценти на Америка (PGA), наградите на Здружението на режисери на Америка (DGA) и наградите Златен глобус, често се сигурни показатели за тоа кој би можел да ги освои престижните американски Оскари, кои ќе бидат доделени оваа година на 3 март во Лос Анџелес.

Наградите на БАФТА се основани во 1947 година како Британска филмска академија. Нејзини основачи беа голем број познати филмски уметници, вклучувајќи ги Дејвид Лин, Керол Рид, Александар Корда и Лоренс Оливие.

Целта на организацијата беше да ја зајакне филмската индустрија, која беше ослабена по Втората светска војна.

Во 1958 година, Академијата се спои со Еснафот на телевизиски продуценти и режисери, а во 1976 година, конечно стана БАФТА, Британска академија за филмска и телевизиска уметност.

 

ИЗДВОЕНИ