Објавен е конкурсот за учество на Меѓународна изложба за деца и младинци „Флора и Фауна-Извор на животот и убавината“- 2022 што годинава, по 16-ти пат ја организираат Детскиот ликовен центар-Скопје и Здружението на ликовните педагози.
Пријавувањето за конкурсот започнува од денеска и ќе трае до 15 ноември. Можат да се пријават ученици, студенти и ментори: наставници, професори по предметот ликовна уметност во основното, средното, високото образование во нашата држава и странство. Ликовните творби треба да се на теми од областа на заштитата на животната средина во урбаниот простор, флората и фауната и слично, а подтема е „Човекот и природата“.
Потребно-е да се испратат творби со позитивни или негативни примери од непосредната околина-животна средина и природата. Право на учество имаат лица на возраст од пет до 24 години (градинки, основни, средни и стручни-уметнички училишта, студенти од сите факултети во земјата и странство)
Една установа може да испрати најмногу до 30 творби ( вкупно од еден или повеќе ментори), индивидуално учество на еден учесник – пријавување од страна на родителите: вкупно две творби.
Творбите треба да се испратени и добиени по пошта со назнака на адреса: „До Детски ликовен центар-Скопје, Здружение на ликовните педагози, пошта: 1020-Карпош 3, поштенски фах:75, Општина Карпош-Град Скопје“.
Ликовните творби можат да се донесат и во ликовниот центар (во приземје-хол на означено место или први кат-на означено место). Во објектот на Кинотеката-библиотека Другарче (улица „Никола Русински“, број 1, Карпош 3 – спроти гимназијата „Никола Карев“).
Дополнителни информации на електронска пошта: likovencentar@yahoo.com, или на телефонските броеви: 389(0)76 987024, 389(0)77 904 .
Традиционалната изложба се организира по повод Светскиот ден на планините, 11 декември. За отворањето на изложбата и доделување на награди, дипломи и благодарници ќе бидат известени амбасадите во Скопје (за нивните наградени учесници), како и добитниците на награди од Северна Македонија. Наградите ќе се доделат во киносалата на Кинотеката, а најуспешните творби можат да се видат изложени во галеријата на Ликовниот центар и во Кинотеката.
Генерален покровител на манифестацијата е Министерството за животна средина и просторно планирање.