76. Венециски филмски фестивал: Гламурозни ѕвезди, контроверзии и одлични филмови во борба за „Златен лав“

135

Познатата венециска „Мостра“ се отвора на 28 август со семејната драма „Вистината“  (The Truth) на јапонскиот режисер Хироказу Корида, минатогодишниот добитник на „Златната палма“ во Кан, а на црвениот тепих ќе прошетаат многу sвезди како Мерил Стрип, Бред Пит, Џони Деп, Скарлет Јохансон, Роберт Патисон. Но, најверојатно еден човек ќе ги засени сите други, а тоа е режисерот Роман Полански кој со новиот филм, „Офицер и шпион“ (An Officer and a Spy) е во главната конкуренција на Венеција

Изборот на филмовите, гламурозните ѕвезди и контроверзиите се она што секако ќе го направи годинашното 76. издание на Венецискиот филмски фестивал повозбудливо, а кое се отвора на 28 август со семејната драма „Вистината“ на јапонскиот режисер Хироказу Корида, минатогодишниот добитник на „Златната палма“ во Кан за филмот „Семејни врски“. Филмот „Вистината“, со врвната актерска екипа вклучувајќи ги и Кетрин Денев, Џулиет Бинош и Итан Хук, е првиот што овој режисер го снима надвор од својата родна земја и ќе биде прикажан во главната фестивалска конкуренција.

Како увертира на 76. фестивалско издание се водеше и дебата за тоа како, повторно и годинава, бројот на режисерки во официјалната конкуренција сè уште е многу мал. Исто така, се дискутираше и дали стриминг платформите како „Нетфликс“ треба да учествуваат на фестивалот, а постои и фактот дека на годинешната Венеција ќе биде прикажан и новиот филм на контроверзниот Роман Полански.

За време на фестивалот, на црвениот тепих ќе прошетаат многу sвезди како: Мерил Стрип, Бред Пит, Џони Деп, Скарлет Јохансон и Роберт Патисон, а најавена е и можноста Мик Џегер да пристигне во Венеција на крајот на фестивалот. Присуството на голем број холивудски ѕвезди е еден доказ дека Венеција е важна за Холивуд, а познатата „Мостра“ е првата голема сцена за потенцијалните кандидати за „Оскар“. Во последните години, многу филмови кои премиерно беа прикажани во Венеција, освоија оскари во различни категории, вклучувајќи ги „Рома“, „Ла ла ленд“ и „Обликот на водата“.

На годинешново издание во главната конкуренција ќе биде прикажан и филмот „Jокер“, негативецот од Бетмен кој доби својот филм, а во кој глумат Хоакин Феникс и Роберт де Ниро, а е во режија на Тод Филипс.

За „Златен лав“ ќе се натпреварува и филмот „Ад Астра“, филм што е прв излет во жанрот научна фантастика на наградуваниот режисер Џејмс Греј, каде астронаутот во вселенската одисеја ќе го игра познатиот актер Бред Пит. Публиката во натпреварувачката конкуренција ќе може да го види и „Чекајќи ги варварите“ со Џони Деп и Роберт Патисон во главните улоги, кој е заснован на романот на јужноафриканскиот писател Ј.М. Коетце за имиграцијата и расизмот.

Секако се очекува и дебата за продукциите што ќе бидат претставени од стриминг платформите. Но во овој поглед Венеција е поотворена од Кан, којшто ги исклучи овие филмови од својата натпреварувачка програма заради конфликти во врска со правата на дистрибуција. Резултат на тоа е дека два филма на Нетфликс, драмата “The Laundromat” за панамските документи во режија на Стивен Содерберг со Мерил Стрип и Гери Олдман во главните улоги, и полуавтобиографската приказна „Приказна за бракот“ на Ноa Баумбах со Скарлет Јохансон и Адам Драјвер се во конкуренција за „Златен лав“.

Инаку, од 21 филм кои се во главната конкуренција, само два се потпишани од жени. Организаторите ова се обидоа да го исправат со назначување на аргентинската режисерка Лукреција Мартел за претседател на жирито.

Но, најверојатно еден човек ќе ги засени сите други прашања, а тоа е Роман Полански. Неговиот нов филм, „Офицер и шпион“ (An Officer and a Spy – J’accuse) што е во главната конкуренција е историска драма за аферата Драјфус, озлогласен случај на антисемитизам во Франција кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. Познатиот режисер Полански (86) годинава беше исфрлен од членството во Американската академија за филмска уметност и наука поради сексуален однос со 13-годишно девојче во 1977 година. Американското судство сè уште го смета за бегалец. На прашањето дали ќе дојде во Венеција, каде што е поканет од страна на директорот на фестивалот Алберто Барбера, сè уште нема одговор.

За „Златниот лав“ ќе се натпреваруваат и „Глорија Мунди“ на Роберт Гедигијан, „Почесен гост“ на Атом Eгојан и “Wasp Network” на Оливије Асајас.

Интернационалниот Венециски филмски фестивал ќе трае до 7 септември.