На Берлиналето, кое ќе трае до 23 февруари, за главната награда „Златна мечка“ за најдобар филм се натпреваруваат 19 остварувања од целиот свет, осум се режирани или корежирани од жени, а ќе ги оценува интернационално жири со кое годинава претседава американскиот режисер Тод Хејнс. Во конкуренција се и „Ледена кула“ на Лусил Хаџихалиловиќ, „Сина Месечина“ на Ричард Линклејтер, „Континентал ’25“ на Раду Жуде, „Жешко млеко“ на Ребека Ленкиjевич, „Времеплов“ на Катерина Горностај, како и „Што ти вели таа природа“ на Хонг Санг-су

Моќниот говор на добитничката на почесната награда „Златна мечка“, шкотската актерка Тилда Свинтон и светската премиера на филмот „Светлината“ (The Light) на германскиот режисер Том Тајквер, синоќа, го означија отворањето на 75. Меѓународен филмски фестивал во Берлин.

Тилда Свинтон

Како што пренесоа светските медиуми, Свинтон во говорот ги истакна злосторствата, како што таа кажа, „извршени од државата“ и ги критикуваше постапките на некои светски влади. Без да издвојува одредена земја или политичар рече дека „нехуманост се случува пред нашите очи“. „Тука сум да го истакнам тоа и да ја дадам мојата непоколеблива солидарност на сите оние кои го препознаваат. Државно-извршено и меѓународно овозможено масовно убиство во моментов активно тероризира повеќе од еден дел од светот“, рече Свинтон.

Голем дел од својот 15-минутен говор Свинтон го искористи да ги пофали Берлиналето и она што таа го нарече „големата независна држава на киното“.

„Со непозната адреса, не е потребна виза“, рече Свинтон. „За нас е многу добро да се чудиме на светот и да бидеме изненадени од восхит еден кон друг, отколку да се шокираме без зборови од нашата кавалерска злобност и суровост“.

Кино „државата“ како што ја опиша Свинтон, е „неограничено царство, по природата своја инклузивно, имуно на напорите за окупација, колонизација, сопственост или за развој на имотот на ‘Ривиерата’“.

„Можеме подобро како луѓе“, додаде таа. Исто така, таа ги предупреди главните стриминг платформи, истакнувајќи дека тие треба да дадат поголема поддршка на филмската инфраструктура од која имаат корист.

Почесната „Златна мечка“ ѝ ја врачи режисерот на „Конклава“ (Conclave), Германецот Едвард Бергер.

Говорот на Свинтон беше добро прифатен од публиката во Берлинале Паласт, која исто така ѝ приреди топло добредојде и на новата директорка на фестивалот, Триша Татл. Татл рече: „Берлин ја има најневеројатната кино-култура во светот. Прекрасно програмирани независни кина. Ова е драгоцено за мене“.

И таа ги посочи глобалните конфликти, барајќи од публиката „минута почит за сите луѓе кои не можат да бидат тука со нас“. Ги спомена „драгите пријатели, драгите колеги“ во Лос Анџелес, Украина, Судан, Газа и Западниот Брег, Израел, Грузија, Либан. „Киното нема да ги реши мноштвото проблеми со кои се соочуваме сите, но може да понуди моменти на благодат“, додаде Татл.

„Светлината“

Публиката ја проследи светската премиера на „Светлината“, остварување на германскиот режисер Том Тајквер, кој се прикажа надвор од натпреварувачката конкуренција на фестивалот. Филмот говори за едно семејство што се соочува со колапс додека се занимава со модерни прашања, барајќи нови почетоци во проблематичниот свет.

На Берлиналето, кое ќе трае до 23 февруари, за главната награда „Златна мечка“ за најдобар филм се натпреваруваат 19 остварувања од целиот свет, од кои осум се режирани или корежирани од жени, а ќе ги оценува интернационално жири со кое годинава претседава американскиот режисер Тод Хејнс. Во конкуренција се и драмата „Ледена кула“ (The Ice Tower) на Лусил Хаџихалиловиќ, каде што главната улога ја толкува француската актерка Марион Котија, филмот „Сина Месечина“ (Blue Moon) на американскиот режисер Ричард Линклејтер, каде играат Итан Хоук и Ендрју Скот, мрачната комедија „Континентал ’25“ (Kontinental ’25) на романскиот режисер Раду Жуде, „Жешко млеко“ (Hot milk), дебитантски филм на британската режисерка Ребека Ленкиjевич, документарецот „Времеплов“ (Timestamp) на украинската режисерка Катерина Горностај, како и „Што ти вели таа природа“ (What Does That Nature Say To You) на јужнокорејскиот режисер Хонг Санг-су.

Тимоти Шаламе, Роберт Патинсон, Џесика Честејн, Џејкоб Елорди, Бенедикт Камбербач, Тони Колет, Марион Котијар, Итан Хок и бројни други филмски ѕвезди и режисери се најавени дека ќе присуствуваат на 75. издание на фестивалот во Берлин. Инаку, на црвениот тепих на отворањето прошетаа повеќе актерки кои со своите вечерни фустани тоалети го привлекоа вниманието на присутната публика. (Н.И.Т.)

Џесика Шварц
Фан Бингбинг
Хана Херцспрунг
Руби О’фи
Теа Ехра

Фото: EPA/EFE 

ИЗДВОЕНИ