“Континуираната успешна визија и мисија на нашата институција за собирање, чување, заштита и презентација на културното наследство, симболично ја крунисуваме со изложување на 75 ексклузивни уметнички дела – слики и скулптури“, истакнува Дита Старова-Ќерими, директорката на Националната галерија, под чија капа е и Чифте-амам каде што во тек е изложбата „75/75“

Во објектот Чифте-амам, во Старата скопска чаршија, љубителите на уметноста имаат можност во рамките на уметничката поставка, насловена „75/75“ да ги видат врвните дела на домашните, но и регионалните уметници. Со оваа изложба, која предизвика голем интерес во јавноста, започнува одбележувањето на јубилејот 75 години од формирањето на Националната галерија.

Во Чифте-амам се претставени дела од Сава Шумановиќ, Матеј Стернен, Константин Данил, Никола Алексиќ, Стефан Тодоровиќ, Весна Соколиќ, Урош Предиќ, Паја Јовановиќ, Матеј Јама, Надежда Петровиќ, Зора Петровиќ, Пјер Крижаниќ, Петар Добровиќ, Моша Пијаде, Влахо Буковац, Крсто Хегедушиќ, Марко Мурат, Леон Коен, Целестин Медовиќ, Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Ѓорѓи Јаков Зографски, Коста Шкодреану, Димитар Андонов Папрадишки, Димитар Пандилов Аврамовски, Катја Ефтимова, Лена Стефанова (сликари); Антун Аугустинчиќ, Воин Бакиќ, Тома Росандиќ, Петар Палавичини, Иван Мештровиќ, Димо Тодоровски, Љубомир Стефановски, Борка Аврамова, Франо Кршинич, Борис Калин, Ристо Стијовиќ и др. (скулптори).

„Бидејќи 2 август е историскиот датум, на официјалното отворање на тогашната Уметничка галерија, на 19 јули 2023 година, започнавме со активности за одбележување на јубилејот 75 години од формирањето на Националната галерија. Континуираната успешна визија и мисија на нашата институција за собирање, чување, заштита и презентација на културното наследство, симболично ја крунисуваме со изложување на 75 ексклузивни уметнички дела – слики и скулптури. Селекцијата на едни од најрано прибавените експонати на нашата Колекција, вклучително и исклучително вредни, се базира на дела во кои ликовниот јазик на врвните мајстори се движи од класицизам до модернизам (преку неоромантизам, импресионизам, сецесија итн.), со акцент на студиозно третирање на фигурата и особено портретот. На мое големо задоволство, во најтоплиот период од година, сезона на годишни одмори, Чифте-амам на отворањето на изложбата беше дестинација на многубројни млади посетители, секако и нашата редовна и верна публика, кои во добро расположение ја подигнаа атмосфера и дадоа свој личен придонес во одбележување на славеничкиот момент“, посочува Дита Старова Ќерими, директорката на Националната галерија.

Инаку, вистинските чекори во уметноста беа направени во некогашната Уметничка галерија, а подоцна преименувана како Национална галерија на Македонија. Таа има најзаслужно и единствено место во развојот на современиот и млад македонски ликовен израз.

Прв в.д. директор на Галеријата беше академскиот сликар Борко Лазески, а по него истакнатиот ликовен уметник Никола Мартиноски. На свеченото отварање на Галеријата на 2 Август-Илинден 1951 година, беше изложена првата Поставка на дела од современата македонска уметност, дела од македонските зографи, првата генерација предвоени ликовни творци, икони од XIV до XX век, копии на фрески и макети од македонски средновековни цркви. Збирката на Националната галерија постојано се збогатуваше, и денес брои над 1.600 дела.

Покрај основната дејност, Галеријата со своите три изложбени објекти, Мала станица, Чифте амам и Даутпашин-амам. својата активност последните години ја прошири и со други културни дејности: концерти, стручни предавања, камерни театарски претстави, промоции на книги и др. Со новата улога, Националната галерија уште еднаш го потврдува своето стожерно место во македонската ликовна уметност, како средиште кон кое гравитираат творците – современици, и сите љубители на ликовната уметност.

Изложбата „75/75” ќе трае до 19 август, а на 2 август, датум кој се совпаѓа со отворањето на Галеријата, влезот во сите објекти на Националнта галерија, ќе биде бесплатен. (Д.Т.)  Фото: М. Аргакијева