Советот на Општина Ѓорче Петров го усвои ребалансот на буџетот за 2024 година, кој се проширува за приближно 69 милиони денари.

– Се обезбедуваат повеќе средства за граѓаните, како и за инфраструктурни и капитални проекти со кои се подобруваат условите за живот во нашата општина – велат од Општина Ѓорче Петров.

Предвидени се 5,3 милиони денари за тековно одржување на улиците и патиштата, 4 милиони за инвестиции во уличното осветлување, 2 милиона за реконструкција на азбестниот покрив во ООУ „Страшо Пинџур” и 3 милиони денари за чистење и одржување на каналите за наводнување.

Воедно, и дополнителни 4 милиони денари за рехабилитација на улиците и патиштата, 3 милиони за проектирање и планирање нови капитални проекти, 10 милиони за изградба и реконструкција на спортските и детските игралишта, 7 милиони за набавка на софтвер за пресметка на даноците и ГИС-софтвер за дигитализација на постапката за добивање на потребните информации за извод од план, со цел граѓаните да можат сами, по електронски пат, да извршат увид во состојбата на своите парцели.

Во соопштението од оваа локална самоуправа се наведува дека целта на овие средства е во иднина да се продолжи со грижата за граѓаните и, како што велат оттаму, да се создадат услови за подобар и достоинствен живот.

– Доаѓа период на многу работа и реализирани проекти. Граѓаните може да очекуваат реализација на проекти на целата територија на нашата општина – соопштија од Општината.