58-годишниот Борис Новковиќ со сценска „гимнастика“ на скопскиот концерт

13

Тоа не го може секој на тие пристојни години!

Публиката, главно женска, беше одушевена од физичката издржливост на Борис. Коментарите што ги слушнавме беа дека пејачот и на 58 години изгледа како момче на 28. – Овој може да тера вака уште добри десет години. Ќе го чекам по концертот само за да го бакнам во образите – гласно коментираа неговите скопски обожавателки.

Максимално опуштени, сите што дојдоа да се забавуваат, едноставно кажано, уживаа. Тоа е првичниот впечаток од синоќешниот солистички концерт (без гости, кои и онака не му требаа) на некогашната мошне голема југословенска поп-ѕвезда, Борис Новковиќ, инаку син на хитмејкерот Ѓорѓе Новковиќ. Борис направи феноменален концерт, кој долго ќе се памети, со што го оправда впечатокот дека и понатаму е музичка ѕвезда. За скопјани, секако.  И им испеа во живо, со својот придружен бенд, еден грст хитови, кои сите добро ги знаеме и кои уште ги пееме: “Куда иду изгубљене дјевојке“, „Нека свира радио“, „Ми смо јачи и од судбине“, „Далеко“, „Не вјерујем твојим уснама“, „Што је са принцезом моје младости“… сите придружени со силни овации. Но, и враќањето на бис, кога ја испеа „И у добру и у злу“.

За оваа песна емотивно објасни дека им е посветена на сите оние луѓе познати и непознати што, за жал, не се веќе меѓу живите, што заминаа во вечноста, од икс причини.

Исклучително оригинална беше неговата сценска „гимнастика“ кога, наведнат, мавташе со ногата во воздух, давајќи му на тој начин „поддршка“ на тапанарот. Публиката, главно женска, беше одушевена од физичката издржливост на Борис. Коментарите што ги слушнавме беа дека пејачот и на 58 години изгледа како момче на 28. Во одлична физичка форма е. И со исклучителна енергија.

– Овој може да тера вака уште добри десет години… Згоден е, ем го гледам ем го слушам… Има младешко лице, веројатно става ботокс… Многу ми е сладок, ќе го чекам по концертот само за да го бакнам во образите… – беа дел од многубројните коментари на обожавателките на Новковиќ.

Во една таква зовриена атмосфера во Македонската филхармонија, овој концерт, во одлична организација на „Вајб продукција“, некако брзо помина, „летна“. Тоа е затоа што Новковиќ беше, едноставно кажано, феноменален. Но, и феноменално облечен во црна боја, која се смета за вечерна „елеганција во движење“.

Дуле Миќиќ