Во Лоја центарот во Тетово на 22 јануари со почеток во 18 часот, ќе се одржи проекција на германско-францускиот филм “Транзит“ во режија на Кристиан Пецолд, според истоимениот роман од Ана Сегерс.
Филмот ја раскажува приказната на еден Германец, кој за време на Втората светска војна поради националсоцијалистите бега во Франција. Проекцијата е по повод 56 години од потпишувањето на германско-францускиот Договор за пријателство, познат како Елисејскиот договор, кој даде значаен придонес за историското помирување меѓу двете земји. Надоврзувајќи се на овој Договор, сојузната канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон на 22 јануари 2019 ќе го потпишат Договорот за соработка и интеграција во германскиот град Ахен. Со овој договор, кој ќе ги прошири веќе блиските односи меѓу Германија и Франција во голем број области, двете земји сакаат заедно да се соочат со предизвиците на 21 век и да го унапредат својот ангажман за силна, суверена и демократска Европа.
Настанот е инициран од амбасадорите на Сојузна Република Германија и Република Франција, Томас Герберих и Кристиан Тимоние.