54. МТФ „ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ“: „Бакхи“ наградена од жирито, „Пиреј“ од публиката 

268

Претставата „Бакхи – краток преглед на распадот“ според Еврипид, во режија на Игор Вук Торбица е прогласена за најдобра претстава во целина од страна на жирито на 54. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, што од седми јуни се одржуваше во Прилеп.

За првпат, годинава претставите ги оценуваше и публиката која за најдобра претстава ја прогласи „Пиреј“ од Петре М. Андреевски, во режија на Љупчо Ѓорѓиревски, и во изведба на Прилепскиот театар. Оваа претстава беше наградена со статуетката “Аплауз“ во форма на раце кои аплаудираат. Автор на статуетката е Марјан Стојаноски, дипломиран скулптор кој работи во ликовната дејност во Прилепскиот центар за култура „Марко Цепенков“. Според Стојаноски, идејното решение на статуетката само се наметнало. Се знае со што се наградува секоја публика – со аплаузот.

Иван Јерчиќ, пак, директор на Народниот театар-Битола, чија претстава беше прогласена за најдобра од страна на жирито, истакна: “Оваа награда на Битолскиот народен театар доаѓа во вистинско време, како потврда за нашата работа, за идеите, за заложбите и за концептите кои ги развиваме. Се надевам дека и во иднина ќе доаѓаме на Фестивалот со успешни претстави, ќе ја провоцираме публиката и ќе ја тераме да размислува и се надеваме на нови награди. За оваа претстава се зборуваше многу и по премиерата. Нѐ очекуваат многу гостувања во регионот, а се надевам и на значајни европски фестивали и мислам дека направивме еден чекор напред“.

Наградата за најдобра главна машка улога ја доби Александар Степанулески, за улогата на Јон во претставата на Прилепскиот театар „Пиреј“. Тој изјави: “Одлично се чувствувам. Многу ми е драго што сиот напор за создавање на улогата го препознаа и жирито и публиката и ова е поттик за понатаму“. Наградата за главна женска улога е доделена на Марија Спиркоска – Илијески за улогата на Велика Мегленоска во претставата „Пиреј“ во изведба на театарот „Војдан Чернодрински“ – Прилеп.

Тони Денковски од Театар Комедија, пак е добитник на наградата за млад актер „Трајко Чоревски“ за улогата на Горниот во претставата “На отворено“. Денковски истакна дека е среќен за наградата.

“Чест ми е што ја добив наградата за најдобар млад актер. Поминавме прекрасен процес со целата екипа на Театар Комедија. Ова значи дека треба да се работи и секој да се вложува себеси во тоа“, изјави Денковски.

Режисерот Љупчо Ѓорѓиевски е добитник на наградата за современа драматизација на претставата „Животинска фарма“ на Струмичкиот театар. Тој е и режисер на претставата „Пиреј“, која се закити со три награди: за најдобри главни машка и женска улога и за музика.

Сепак, награда за режија отиде во рацете на Игор Вук Торбица за претставата „Бакхи – краток преглед на распадот“…

Уметничкиот директор на Фестивалот Катарина Коцевска вели дека главни, најбитни биле фестивалските новини.

“Имавме новитети кои се покажаа бескрајно успешни: враќањето на разговорите на тркалезната маса на критиката, нова, првпат, доделена награда од публиката, електронско издание на Фестивалот. Имавме нови сили, нови млади актери кои дадоа нов дух, бевме присутни секаде и задоволна сум со сето што го постигна Фестивалот“, рече Коцевска.

Театарската магија на фестивалот “Војдан Чернодрински“ заврши завчеравечер со претстава во чест на наградените, а на сцената на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп беше изведена „Силјан штркот шанца“ на МНТ од Дејан Дуковски, во режија на Срѓан Јанаќијевиќ.