50 година кариера:Кога слушате македонски фолк, слушајте го Круме Спасовски!!!

4603

Тоа е да се наежиш, едноставно речено, бидејќи тоа е тој првиот впечаток од завчерашниот солистички концерт на легендарниот македонски фолк-пејач Круме Спасовски. Круме на естрадата е долго доволно присутен, таман толку доволно да создаде голем број хитови, од кои е најпознатиот “Чудна жена беше Вера“.

Песна со која го отвори, но и затвори овој двочасовен концерт што се одржа во преполната сала на Домот на Армијата. Да, добро прочитавте во преполна сала. Делува како нестварно, како бајка, нашата публика да доаѓа на концерти на своите домашни пејачи и тоа од фолк музиката, нешто што многу често гледаме во Србија и Босна кај тамошните фолкери, а кои и овде настапуваат. Но, ете тоа заслужено му се посреќи на Круме. Луѓето навистина ги купувале влезниците, не се добиени гратис, па задоволството е големо кај самиот пејач, а и кај самите негови обожаватели.

Тие се презадоволни од репертоарот на песните со кои Круме ги почестил…..од Абер дојде Ајше ле мори, Ајде дали знаеш паметиш Милице, Бог да бие Наумчето, Оф Аман, Јано ле Јанке убава…..до Ај што мерак имам бабо, Подранила Цена, Еј Заге носам чалгии, со антологиската веќе спомнатата Чудна жена беше Вера. За да ја долови комплетно убавата атмосфера која владееше низ целиот концерт Круме се погрижи да има и специјални гости. Но не било кои, не истресени од ракав како што обично бива, само пари да се заработат. Овде немаше некои пари, но имаше многу љубов и многу спомени на изминатите негови 50 години кариера.

Со Круме на сцената ги видовме одличните:Атина Апостолова за која тој рече дека му е нераскинлива другарка, па потоа брачно-музичката двојка Наум Петерески и Зуица Лазова, Јордан Митев, Бајса Арифовска,Трио Кладенец, оркестарот на Милан Зафков….додека на видео-бимот одеа фотографии од неговата богата кариера. Во публиката и некои негови драги колешки:Вики Среброва, Виолета Томовска, Блага Петреска,Ани Малинкова….Со Атина заеднички ја испеаа евергрин песната “Верувај ми“ и добија многу долго ракоплескање, овации, бисови. Навистина сите беа трогнати и од нивното пеење, но и од песната која уште трае.

Така де, траат тие песни на Круме, затоа тој и постои пола век на естрадата, оваа која најчесто покажува од необјасниви причини неподносливост кон своите уметници. Особено срцата трепереа кога Круме го испеа блокот со песните во знак на сеќавање на нашите фолк легенди Пепи Бафтировски, Гоце Николовски и Војо Стојановски. Затоа и не би кажале дека нема што да се слуша во македонскиот фолк.

Напротив! Круме е доказ дека има што да се слуша, и тоа многу и да се пее, да се живее со песната, народна, носталгична, емотивна, искрена, и онаа патриотска…..впрочем, како што беше целиот концерт низ кој одлично не водеа познатите Ирена Спировска и Каролина Петковска……

Слушајте го Круме, и нема да се покаете. Тој е жива фолк-легенда!
Дуле Миќиќ