Во државата во тек е реализацијата на повеќе програми кои имаат за цел заживување на руралните средини, локален економски развој, како и развој на руралниот туризам. Проектот за изградба на педесетина ресторани и хотели во рурални средини, кој е дел од ИПАРД 3-програмата, и кој има за цел рурален развој и одржување на економската активност на малите места со под 30.000 жители. Овој проект, како што информираа од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој, предизвика голем интерес кај граѓаните. Како што појасни тогаш директорот на Агенцијата, Никица Бачовски, станува збор за проект за развој на руралниот туризам, што подразбира изградба на угостителски објект, на сместувачки објект, или комбинација од двете, често проследена и со придружни содржини како на пример СПА-центар.
Овој проект е компатибилен со Проектот „50 села, 50 приказни“, кој беше донесен во 2023 година и кој имаше за цел да ги зголеми инвестиции во руралните средини, а да го намали иселувањето на младите и да креира нови работни места.
-Реализацијата на овие проекти, кои имаат за цел развој на инфраструктурата, подобрување на условите во руралните средини, заживување на локалниот економски развој, руралниот туризам и отворање на нови работни места, треба да биде во фокусот на оваа Влада во наредниот период. Од друга страна, пак, овие проекти ќе помогнат во намалување на миграцијата од селата и подобрување на условите во селските средини. Ова е практика во голем број европски земји кои токму преку вакви проекти со помош на државата успеале да ги заживеат руралните средини. Инвестициите можат да бидат во соработка со државата, европските фондови – ИПАРД, Светска банка… на кој во изминатиот период фокусот им беше развој на туризмот во Македонија. За целосно имплементирање на овие проекти, исто така потребен е интегриран пристап на повеќе министерства и институции, вели за весникот ВЕЧЕР, Љупчо Јаневски, универзитетски професор и поранешен директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Проектот за изградба на педесетина ресторани и хотели во рурални средини за кој, исто така, ќе се градат со европски пари преку ИПАРД-програмата заедно со проектот „50 села, 50 приказни“ можат да придонесат не само за развој на руралниот туризам и за развој на селата, туку и за целокупниот економски развој на државата.
-Руралниот туризам не е сезонски, туку во текот на цела година. Поради тоа, може многу да придонесе за развој на малите семејни винарници, органско производство, локални специјалитети, вклучување на традиционални занаети, изработка на сувенири…што може да придонесе многу за економскиот развој на државата. Поради тоа добро е оваа Влада да посвети внимание на овие проекти кои се исклучително значајни за заживување на селата, додава Јаневски.
Во таа насока, рече дека позитивно е што повторно се заживуваме комплексот „Македонско село“ и додаде дека освен на Скопје вакви проекти им се потребни и на другите градови.
Ивица Томовски, директорот на Службата за општи и заеднички работи – СОЗР, деновиве, рече дека комплексот „Македонско село“ повторно ќе биде атракција, а туристите ќе можат да преспијат, да ручаат и да испијат кафе.
– Во овие дванаесет автентични куќи што ја отсликуваат архитектурата на Република Македонија на мало, на едно место има капацитет од 120 до 150 сместувачки единици каде што може сериозни групи на туристи да се донесат. Има три ресторани, односно има еден автентичен ан, има еден ресторан „Антигона”, што е од модерен стил и има винотека, односно кафе-бар каде што туристите ќе можат да одморат после ручекот – презентира Томовски.
Тој додаде дека сите објекти коишто се останати, недовршени, а се од суштинско значење за граѓаните ќе ги преземе Службата за општи и заеднички работи, односно Владата да ги доврши за да бидат во функција.
(А.С.)