Управата за јавни приходи (УЈП) повеќе од 10 години ја објавува Листата на должници, која го привлекува вниманието на медиумите. Листата не е само збирка на имиња и бројки, туку одраз на даночната дисциплина и општествената одговорност на фирмите и поединците. Но, дали овие податоци ја откриваат целата вистина за реалните долгови и можноста за нивна наплата, одговор даваат од УЈП?
Листата на должници вклучува 1.958 правни и 3.914 физички лица, или вкупно 5.872, имале долгови доспеани до 30 септември 2024, а неплатени до 31 декември 2024 година. Станува за вкупен долг од 11,3 милијарди денари (за даноци и придонеси. Седумдесет проценти од правните лица во 2024 година немаат активности за исполнување даночни обврски (не поднеле даночни биланси и ДДВ пријави и немаат вработени и исплатени плати).
– Топ 100 должници (96 правни и 4 физички лица) должат над 7 милијарди денари, што претставува 62% од долгот. Но, 62 од овие топ 100 должници немаат активност за исполнување даночни обврски и прашање е колку од нив навистина имаат капацитет да ги исплатат овие долгови – велат од УЈП.
– Листата на должници мора да стане поквалитетен инструмент за транспарентност на УЈП. Од следната листа ќе започнеме со објава на преземените мерки за наплата на долговите на новообјавените должници. Јавноста треба да знае кои должници се вистински таргет и што презема УЈП кон нив во актуелниот момент, со што ќе се зголеми и јавниот притисок за враќање на долговите во буџетот – нагласуваат од УЈП.