Скопје се „дави“ во ѓубре

44

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски на социјалните мрежи реагираше на тоа дека улиците на територијата на Општина Центар што се во надлежност на Град Скопје се преполни со ѓубре.

-Еве вака изгледа работата на Градот Скопје и градоначалничката Данела Арсовска! Центар во ѓубре! Срамота! – коментираше тој.

Герасимовски побара Град Скопје и скопската градоначалничка, Данела Арсовска да ги исполнат своите основни работни обврски и да го исчистат ѓубрето од улиците на Центар кои се во надлежност на градот.

– Недозволиво е центарот на Скопје да изгледа вака, јавните површини кои се во надлежност на Град Скопје се полни со ѓубре, коешто не само што го загрозува здравјето на граѓаните, туку ја нарушува и животната средина. Во Крњево втора недела не се собира ѓубрето – потенцира Герасимовски, укажувајќи и на градската администрација веднаш да се фати за работа и да ги исчистат улиците во Центар за кои се надлежни.

Ваква е состојбата не само на територијата на општина Центар, туку и во другите општини во рамките на Град Скопје. Претходно и градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш се жалеше на натрупаниот смет во општината и на нередовното собирање од јавното претпријатие Комунална Хигиена, и се закани доколку не се собере со механизација ѓубрето ќе го истури пред канцеларијата на скопската градоначалничка.

Од ЈП Комунална Хигиена кусо одговорија дека континуирано го собираат и транспортира комуналниот отпад на територијата на општина Центар, без никаков застој, односно во согласност со динамиката утврдена со Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад од подрачјето на градот Скопје, усвоена од страна на Советот на Градот Скопје.

(А.П.) Фото (П.С)

 

ИЗДВОЕНИ