Под слоганот „69 години Кисела Вода, храброто срце на градот“, в среда започнува роденденската седмица на општината, а воедно и нејзиното културно лето. Сето тоа ќе биде одбележано со најразлични случувања, од капитални инфраструктурни проекти до музички и културни манифестации.

На повеќе сцени на Три Круши, во паркот пред салата „Расадник“, но и во парковите „Македонија“ и „Шопен“ ќе се одвиваат настани кои годинава, како што истакна градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски се замислени како фестивали со повеќе изведувачи.

Акцентот е ставен најмногу на македонските изведувачи, но има и звучни имиња од Србија.

Од 26 до 29 јуни, публиката ќе може да ги види: Ламбе Алабаковски, Огнен Здравковски, Бојана Скендеровски, Миле Кузмановски,  Александар Тарабунов, КУД „Китка“, „Два Бона“, „Пајак“, Ѓорѓе Давид, Ивана Петерс и Бресквица, а за роденденот на општината на 29 јуни е предвиден голем концерт на „Суперхикс “со пријателите -Дани Димитровска, Битолскиот камерен оркестар, “Ја, Дека и Зека” од Војводина, „Фолтин“, „21 век” и многу други.

Голем дел од извдувачите беа присутни на денешната прес конференција на која говореа за програмата со која ќе се претстават и се заблагодарија на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски пред се за тоа што фокусот е ставен врз македонската музика.

Гостинот од Србија, Ѓорѓе Давид упати благодарност за гостопримството и истакна дека секогаш е расположен за соработка со македонски артисти кои исклучително ги цени.

-Со мислата „Иднината им припаѓа на оние што веруваат во убавината на своите соништа“ сакам да го започнам моето излагање, бидејќи со овој дух, во последните три години, Кисела Вода прерасна во лидер во реализацијата на иновативни проекти, со храбри чекори кои инспирираа многу други општини да го следат нашиот пример. Оттука, годинешниот слоган, „69 години Кисела Вода, храброто срце на градот,” ги рефлектира токму храброста и волјата со кои ја водиме нашата општина – истакна Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека во текот на оваа роденденска недела, ќе следат најразлични настани кои како што потенцираше ќе ги одразат сите аспекти на работата на општината. Нагласувајќи дека се работи за посебно музичко доживување тој најави дека празнувањата започнуваат в среда со настап на хористите од ООУ “Кузман Јосифовски Питу” на Три Круши, кои годинава се вратија од натпреварот во Италија со шест награди. По нив, на сцената ќе настапи КУД „Китка“, едно од најголемите културни обележја и амбасадори на општината, како и многу познати имиња од фолк и поп сцената. Тој ги наброја музичките имиња кои ќе бидат дел од празничните случувања и дел од културното лето, споменувајќи го како предводник Ѓорѓе Давид, чиј концерт ќе се случува на 28 јуни пред салата Расадник. Со него ќе настапат цела низа од популарни пејачи кои со него ќе настапат: „Бресквица“, Иванa Петерс, нашата Андријана Петрушовска итн…

– Особена благодарност упатуваме до нашите гости од Србија кои ќе го збогатат настанот и ќе ја пренесат приказната за нашата општина и надвор од границите на Македонија – нагласи Ѓорѓиевски.

За најмладите, в сабота на 29 јуни, во паркот „Македонија“ ќе биде организиран семеен ден со спортски игри, со интерактивна музичко-драмска претстава од продукцијата „Триангл“, со музика, жонглери, забавувачи, трамболини и бесплатна фото кабина за спомен фотографии за посетителите.

Во паркот „Шопен“, в четврток, пензионерите ќе уживаат во хуманитарната коријада и музички настап од хорот „Вања Лазарова”.

За роденденот на Кисела Вода, веќе традиционално, ќе биде доделена статуетки-клучеви за најзаслужните кои дале свој белег во афирмацијата и растежот на нашата заедница. Воедно, сите талентирани ученици кои освоиле награди на меѓународни натпревари во најразлични области од науката и спортот, ќе добијат парични награди на свечената седница на Советот на Општината.

Во овие седум дена ќе бидат реализирани и повеќе капитални инфраструктурни проекти кои се долгоочекувани од жителите.

-Говорејќи на таа тема, сакам да наведам дека од првиот ден на мојот мандат сум насочен кон решавање на децениски проблеми, а значаен дел од мојата работа е обновата и давaњето дух на некогашните култни локации како што се: Славија, Оксиген, наскорo и сaлaта „Расадник“… Впрочем, поддршката, Кисела Вода како локална самоуправа и јас како нејзин градоначалник ја даваме на сето она што е бренд на градот, било да се работи за инфраструктура, уметност, па и на култните бендови како што е „Суперхикс“ – бендот кој е заштитен знак на многу генерации наназад – истакна Ѓорѓиевски.

Toj истакна дека токму затоа затворањето на културното лето, кое се случува на самиот роденден на Општина Кисела Вода, на 29 јуни, ќе биде одбележано со прослава на два родендена – и Општина Кисела Вода, но на „Суперхикс“ за нејзините 30 години постоење.  За таа цел, во паркот пред салата „Расадник“ ќе има огромна забава со овој бенд и со сите нивни гости – Дани, Битолскиот камерен оркестар, „Ја,Дека и Зека“ од Србија, „Фолтин“, „21 век“ и многу други имиња. Градоначалникот Ѓорѓиевски ги покани сите жители на Кисела Вода, на Скопје и пошироко да бидат дел од големата прослава на Општина Кисела Вода.

(А.П.)