Извезуваме јаболка, сливи, праски, а не можеме да произведеме кашички за бебиња и деца кој ги бара европскиот пазар. На Македонија ѝ е потребна анализа за да види кој се тие производи за кој имаат компаративна предност и кој можат да бидат носители на извозот. Истражувањето на Стопанската комора за потенцијалите на Македонија за извозна диверзификација во земјоделско-прехранбениот сектор покажа дека потребно е зголемување на извозот на производи со поголема додадена вредност, поголем број на преработувачки капацитети и поголема државна поддршка за промоција на извозот.
-Ниту една влада досега не се фокусираше на градење на мрежа на извозни промотори кои ќе работат за малите компании во рамките на преработувачката индустрија, во градење на нови капацитети, градење на можности за извоз на нови пазари. Поединечните компании во рамките на преработувачката индустрија кои што имаат преработувачки капацитети и извоз од над милион евра немаат економска исплатливост да создаваат маркетинг стратегии кои понатаму ќе ги отвораат вратите за извоз на нови пазари. Во таа насока, една од мерките за зголемување на извозот е креирање на промотори на македонскиот извоз посебно во делот на прехранбената индустрија, вели универзитетскиот професор Дарко Лазаров.
Според него, со една добра анализа која ќе ја направи државата може да се најдат потенцијалните пазари на ниво на поединечен производ кој Македонија во наредниот период може да го извезува.
Резултатите од истражувањето покажаа дека Македонија извезува 50 производи со компаративна предност, додека во рамките на прехранбената индустрија извезува 40 производи со компаративна предност. Македонија во наредниот период има простор за извозна диверзификација, односно зголемување на бројот на извозни производи посебно во прехранбената индустрија.
Претседателот на Здружението на земјоделско-прехранбена индустрија рече дека и покрај тоа што има низа компаративни предности Македонија се уште извезува производи со ниска додадена вредност и е увозник на храна.
-Треба да се размислува на промена на системот на поддршка на македонскиот извоз, да се бара зголемување на продуктивноста преку воведување на нови технологии во земјоделското производство, а тоа значи и поддршката да се фокусира кон оние субјекти кој што можат да бидат носители на конкурентноста, продуктивноста и носители на извозот и развојот, вели Петрушев и додава дека треба да се стимулира квалитетот, а не квантитетот.
Според него, треба навреме да почнеме да се подготвуваме за ЕУ, бидејќи ако влеземе неподготвени ризикуваме цели гранки во земјоделството да пропаднат.
Вкупниот извоз на примарното земјоделство и прехранбената индустрија изнесува 629 милиони евра или 10 отсто од вкупниот извоз што покажува дека овие две гранки имаат значајно место во вкупниот извоз. Меѓутоа, она што е неповолно е фактот што во вкупниот извоз секоја година се зголемува процентот на примарните земјоделски производи за сметка на производите од прехранбената индустрија. (А.С.)