Списокот на песните и желбите на армијата слушатели е непресушен и секогаш максимално се трудиме да им излеземе во пресрет на верните слушатели и овде дома во Македонија, но и за нив кои се таму далеку од родната грутка, во Австралија, Канада, Германија, Скандинавија… секаде каде што има наши Македонци, вели гордо славеникот, сопственикот Марјан Тасевски
Најслушаното и најпопуларното македонско фолк-радио „Зона М1-104,4 ФМ радио“ кое (преку интернет) се слуша низ целата планета, а особено во македонската дијаспора, со огромно задоволство на величествен начин го прослави својот 31. роденден. Со голема ВИП-журка, до утринските часови, за голема роденденска цифра, за почит. Во присуство на специјално поканети гости, пријатели, слушатели, колеги-новинари, но и голем број познати естрадни личности…. А, од самите почетоци, како што нагласи Марјан Тасевски, директорот и сопственик на радиото, се направи вистинска револуција во етерот на електронските медиуми, токму со ваков тип програмата.
– Станавме радио кое многу им значи на обичните луѓе во нивното секојдневие. Народот да се оттргне од грижите, уживајќи во добро одбраната народна музика, со свежи хитови, но и со стари незаборавни македонски песни, секогаш омилени….од „Македонско девојче“, па се до „Дејгиди, луди млади години“, „Стариот џумбушлија“, „Не кажувај либе добра ноќ“, „Јовано, Јованке“…. Списокот на песните и желбите на армијата слушатели е непресушен и секогаш максимално се трудиме да им излеземе во пресрет на верните слушатели и овде дома во Македонија, но и за нив кои се таму далеку од родната грутка, во Австралија, Канада, Германија, Скандинавија… секаде каде што има наши Македонци, вели гордо славеникот, сопственикот Тасевски.
Мораме поради сто и една причина да ги пофалиме и оние кои со својот оригинален начин на водење на емисијата „Балканска журка на Зона М1“ Гоце, Еми и најглавната – експертот за забавите ди-џеј Бици (Билјана Коцева-Алексова) ги поврзуваат музичките фанови со нивните омилени пејачи и преку промоции, фестивали, интервјуа и актуелни настани. Сето тоа на 104,4 ФМ.
И секако, наши колегијални честитки, за уште 100 години! Продолжете само така со најубавата (македонска) музика и со најдобрите водители на задоволство на верните слушатели. Д.М.