Пријателскиот натпревар помеѓу најтрофејните фудбалски клубови во Македонија и во Србија, Вардар и Црвена звезда, кој има хуманитарен карактер, за помош на семејствата на жртвите во големата трагедија во Кочани, е интересна тема и за медиумите од поранешна Југославија.
Босанскиот портал „Спорт.ба“ пишува дека владее голем интерес за натпреварот, дека веќе се продадени голем број билети и дека полниот стадион во Скопје ќе биде еден вид порака за Белград, и тоа за сите времиња.
– Црвена звезда со години доминира во Србија, но ѝ се случуваат работи што не може да се замислат ни во сон. И многу брзо, белградската фудбалска публика ќе добие лекција од Македонците, благодарение на „црвено-белите“.
Црвена звезда е најпопуларниот клуб во Србија, но посетата на стадионот „Рајко Митиќ“ беше катастрофална, што, секако, е срам за белградската публика.
Сигурно и во познатиот српски клуб се прашуваат која е причината поради која трибините се празни во време на најголема доминација.
Така, натпреварот против Нови Пазар, во четврт-финалето на Купот на Србија, го следеа само 1.000 гледачи, а Звезда воопшто не им е интересна на белграѓани.
И како што стојат работите сега, белграѓани ќе добијат вистинска лекција на 16 април, кога ќе му гостува Црвена звезда на Вардар, во Скопје.
Се работи за пријателски дуел на двата најпопуларни клуба во Србија и во Македонија, по повод трагедијата во Кочани, кога загинаа најмалку 60 лица.
Остануваат уште десет дена до натпреварот на стадионот „Тодор Проески“, а интересот е веќе огромен, па се очекуваат преполни трибини.
Така, повеќе од 30.000 гледачи би можеле да бидат присутни на стадионот во македонскиот главен град, додека популарните „комити“ најавуваат спектакл.
Вардар и Црвена звезда се големи ривали од поранешна Југославија, цената на билетот е повеќе од поволна, па веќе се подготвува одлична посета.
Билетите може да се купат по цена од три или две евра, што е гаранција дека ќе има одличен одѕив и добро исполнети трибини на најголемиот македонски стадион.
Спектаклот ќе биде комплетиран со доаѓањето на бројните легенди, па се очекува ноќ за паметење, но и вистинска лекција за белградската фудбалска публика, која, изгледа, ги заборави патиштата што водат до стадионот „Рајко Митиќ“, пишува порталот „Спорт.ба“.
Извршниот директор на Вардар, Миленко Неделковски, на својот фејсбук-профил напиша дека веќе е пробиена границата од 10.000 продадени билети и дека поради големиот интерес, ќе биде пуштена во продажба и северната трибина од националната арена „Тодор Проески“.