Дваесет и деветгодишниот Александар Гавриловски, кој беше тешко повреден во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, почина во Литванија, истакна попладнево министерот за здравство Арбен Таравари
„Во 11 часот почина и вториот пациент кој престојуваше во Литванија. Станува збор за Александар Гавриловски, кој имаше 29 години. Од Градската општа болница беше упатен во Литванија. Неговата состојба беше тешка од почеток, а од 4 април се влоши повеќе, а од вчера беше ставен на хемодијализа. Ова ни е втор пациент кој почина, од 193 кои ги третиравме. Имаме уште двајца критични пациенти“, рече Таравари.
„Александар имаше повреди, 35 отсто изгореници од трет степен, изгореници на дишните патишта, еден од потешките пациенти, од тие четири кои ги кажувавме критични. Другите двајца сега за сега се критични, но стабилни“, додаде Таравари.
Тој е втор пациент од критичните пациенти, кој беше третиран повеќе од три недели, но не успеа да се избори по тешките повреди. Ова е 61-та жртва во трагедијата во Кочани што се случи на 16 март. 59 ги загубија животите на денот на трагедијата, а во петокот, исто така во Литванија на повредите им подлегна Александар Карадакоски за кого министерот за здравство Арбен Таравари рече дека бил најкритичниот пациент.