Затворени 27 ноќни клуба, шест се во Скопје

1498

– Онаму каде е изречена, забраната за користење објект трае сè додека не се отстранат недостатоците констатирани согласно со Законот за заштита и спасување и со Законот за пожарникарство и подзаконските акти што произлегуваат од нив – се вели во известувањето од Дирекцијата за заштита и спасување до весникот ВЕЧЕР. Конкретно во Охрид, завршија контролите на шест објекти: три кабареа, два ноќни клубаа и едно диско и деновиве ќе се знае кои ќе продолжат со работа, а кои ќе останат затворени. По инспекциските проверки, на три објекти им е изречена забрана за работа сè до исполнување на минималните технички услови

 

Контролата на угостителските објекти во однос на утврдувањето на минималните технички услови е надлежност на Дирекцијата за заштита и спасување. Оттаму велат за весникот ВЕЧЕР дека досега се извршени 78 инспекциски надзори над угостителски објекти (дискотеки, кабареа, клубови и сл.) низ цела Македонија, при што се наложени мерки за отстранување на констатираните недостатоци.

– Издадени се 38 платни налози за правно лице и исто толку за одговорно лице во правно лице и изречени се 27 забрани за користење објект, од кои шест на подрачјето на Град Скопје. Онаму каде што е изречена, забраната за користење објект трае сè додека не се отстранат недостатоците констатирани согласно со Законот за заштита и спасување и со Законот за пожарникарство и подзаконските акти што произлегуваат од нив – се вели во известувањето од Дирекцијата за заштита и спасување и потсетуваат дека не се надлежни да проверуваат во однос на лиценците за работа, односно дали имаат или дали се истечени тие.

Конкретно во Охрид, завршија контролите на шест објекти: три кабареа, два ноќни клуба и едно диско и деновиве ќе се знае кои ќе продолжат со работа, а кои ќе останат затворени. По инспекциските проверки, на три објекти им е изречена забрана за работа сè до исполнување на минималните технички услови.

Се контролираат и образовните институции, а во станбените згради се работи на оспособување или ставање во функција на хидрантската мрежа, особено во постарите згради, каде што најчесто хидрантите се надвор од употреба и се нефункционални.

Деновиве ќе се спроведат инспекциски надзори и во хотелите и оние објекти што организираат прослави сè со цел утврдување на минималните технички услови и категоризација на рестораните.

Од Црвениот крст апелираат дека показните вежби во училиштата и во угостителските и другите објекти се од големо значење за справување во кризни ситуации.

– Да се престане со импровизации и да се преземат активности онака како што е предвидено согласно со законската регулатива за поголема безбедност. Секој треба да знае како да го спроведе планот за евакуација и да им се презентира тој особено на новите вработени во туристичкиот сектор, во екот на сезоната – потенцираат од Црвениот крст.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ