Во светот има паметни јавни тоалети, а единствениот во Скопје е со работно време до 16 часот!

44

Скопје сè уште нема функционален тоалет, алармира Здружението „Новинари за човекови права“ на Светскиот ден на тоалетите, 19 Ноември. Програмската координаторка во Здружението, Наташа Доковска, вели дека десетина година работат на тоа и ја повикуваат градската власт дека му се потребни јавни тоалети на Скопје, но, како што нагласи, никој, ништо не презема.

– Јавниот тоалет под мостот „Гоце Делчев“ работеше од 8:00 до 16:00 часот, сега, можеби, и не е во функција, а кога прашав зошто, одговорот беше дека човекот што го одржува работи од 8:00 до 16:00 часот. А, што доколку сакам да одам во тоалет по 16:00 часот? – прашува Доковска.

За илустрација, таа наведе дека во 2021 година, Здружението поставило уметничка инсталација на тоалетна школка пред нефункционалниот јавен тоалет во Скопје (под мостот „Гоце Делчев“), со цел да се привлечеме вниманието на јавноста кон недостигот на јавни тоалети и кон потенцијалните здравствени ризици поврзани со тоа, но, како што вели, освен медиумска покриеност, ниту еден претставник на градската власт не се охрабрил да направи промена.

Таа нагласува дека во Скопје нема функционални јавни тоалети, а во светот има паметни тоалети, кои те препознаваат, ги отвораат, а потоа ги затвораат вратите.

– Тоа се основни човекови права што мора да се почитуваат – децидна е Доковска.

На почетокот од годинава, на повеќе локации околу мостот „Гоце Делчев“ и во Градскиот парк во Скопје, беа поставени знаци со натписи што се однесуваа на недостигот на јавни тоалети како горлив проблем со кој се соочуваат граѓаните, а се во надлежност на Град Скопје.

– За жал, јавните тоалети веќе со децении не се функционални и се без основни санитарни услови за користење – истакна уметникот Озбек Ајваз, кој со оваа акција сакаше да ги потенцира и да ги актуализира барањето и потребата на граѓаните на Скопје за решавање на овој проблем.

Оваа акција беше реализирана во рамките на проектот „Артс хаб”, имплементиран од КСП „Центар Јадро“ и финансиски поддржан од Фондацијата „Отворено општество – Македонија“.

Туристичкиот водич и магистер по туризам, Лилјана Данилова, во разговор за весникот ВЕЧЕР неодамна посочи дека немањето јавни тоалети во Скопје претставува навистина сериозен проблем.

– Многу е тешко да се водат група туристи. Принудени сме да ги носиме во тоалети по кафулињата. Нема јавен тоалет на потегот од Старата скопска чаршија до Калето. Единствено има тоалет во црквата „Свети Спас“ и во Мустафа-пашината џамија, доколку се отворени. Колку смешно и да звучи, тоа е еден сериозен проблем – објаснува Данилова.

Доковска вели дека ние сме една од ретките земји во кои училиштата немаат соодветни тоалети.

– Тоалетите се со искршени врати. Нема канти за фрлање на хартијата, а самите ученици, односно нивните родители, мора да ја купуваат хартијата. Исто така, само 18 проценти од територијата на Македонија е покриена со канализација. Тоа значи дека имаме проблем со санитарната инфраструктура – констатира Доковска.

Таа додава дека имаме училишта во руралните средини чии тоалети се 50-100 метри оддалечени од објектот. Сè уште има училишта со септички јами во кумановското село Пчиња.

Инаку, Светскиот ден на тоалетите (World Toilet Day) е официјален ден на Обединетите нации, кој се одбележува секоја година на 19 ноември. И на овој 19 ноември, Новинарите за човекови права и Балканската мрежа за вода повикуваат на итна акција за инвестирање во изградба и одржување на јавните тоалети, како и на подигнување на свеста кај граѓаните за нивно правилно користење и одржување.

(А.П.)