Со коњските трки, Скопје наликувало на Париз и на Лондон

66

Во записите на познатиот скопски хроничар, Данило Коцевски, се наведува дека овој остров во Скопје навистина постоел, бил со пошумени патеки и парцели со разновидни дрвја, потоа со простори за одржување трки, патеки за шетање, мали пристапни мостови. Токму на тој простор, пред војната, биле организирани коњски трки од познатото Здружение на вардарски јавачи. Островот и трките што се организирале личеле на тркалиштата во Париз и во Лондон. Пред да започнат трките, се одржувале фудбалски натпревари, а бил приредуван и препонски карусел, изведуван од офицери.

– Островот се наоѓал меѓу денешната северна трибина на стадионот, односно станбениот комплекс популарно наречен Кинески ѕид, и спротивниот брег, каде што се наоѓа вечното почивалиште на француските војници – пишува Коцевски

Приказната за островот во реката Вардар на кој се одржувале коњски трки и кој, згора на тоа, бил долг околу три километри, звучи навистина неверојатно, па дури и фантастично. Остров во реката Вардар?! Да, навистина постоел и бил земски рај од зеленило и чиста природа. Познатиот скопски хроничар, Данило Коцевски, во своите записи напишал дека островот бил со пошумени патеки и парцели со разновидни дрвја, потоа со простори за одржување трки, патеки за шетање, мали пристапни мостови.

Со еден збор, како што напишал тој, земска и небесна убавина!

Токму на тој остров, познатото Здружение на вардарски јавачи организирало трки пред војната. И не само тоа, островот било монденско место, таму се појавувал кремот на градот, на разни приредби и свечености.

– Замислете, пред почетокот на трките, се одржувале ревии на женска мода и елеганција! Сѐ почесто на натпреварите присуствувале и дами. Во еден запис од 1932 година се вели: „Елегантните скопски дами, за чии фустани нашиот моден соработник многу пофално се изрази, со своето присуство придонесоа трките во Скопје да добијат имиџ на вистински велеградски трки“ – има напишано Коцевски.

Островот и трките што се организирале личеле на тркалиштата во Париз и во Лондон. Пред да започнат трките, се одржувале фудбалски натпревари, а бил приредуван и препонски карусел, изведуван од офицери.

– Екстравагантно изведените фигури со коњите предизвикувале воодушевување кај публиката. Биле одржувани изложби на коњи, потоа, офицерско-џентлменско наградно прескокнување, како и специјални коњски трки организирани од Градот Скопје – опишал Коцевски.

Забавата почнувала по сите тие настани, за што однапред биле давани известувања: „По коњичката трка се приредува кермес (забава) на тркалиштето, кое ќе биде осветлено со лампиони. Постојано ќе свири музика“.

Зачувани се и имињата на тркачките коњски грла, кои биле омилени кај публиката: Кармен, Изонда, Треф, Дидо, Ружа, Галопина, Зорица, Цимер. Постоеле и парични награди за натпреварувачите: прва награда 1.200, втора 600, трета 300 и четврта – 150 динари. Се наплаќало такса по 30 динари за секоја патека. Пред обложувачницата постојано имало метеж и чекање.

– Според податоците, островот цели три години бил адаптиран за таа намена, а официјално бил пуштен во употреба во 1932 година – навел Коцевски во своите записи.

Тој додал дека најинтересно е прашањето каде точно се наоѓал и може ли, од денешен аспект, да се одреди неговата местоположба.

– Едно е сигурно: островот се наоѓал во близина на Градскиот парк, но каде? Морав да направам споредба на многу записи за да дојдам до вистинската локација. Во еден запис се вели дека се наоѓал во близина на една тениска полјанка зарасната со трева, зад „Идадија“, кон реката. Бидејќи во тоа време не постоел Градскиот стадион на тоа место, од тениската полјанка, веројатно, се гледало и било близу тркалиштето. На друго место се споменува просторот спроти Зоолошката градина, а бидејќи таа е близу тениската полјанка, можно е и такво одредување – напишал Коцевски.

Според него, најточна одредба за местоположбата дава еден запис што прецизно „зборува“ за тој простор.

– Бидејќи секој немал пари да плати карта за трибините на тркалиштето, луѓето го користеле спротивниот брег на реката Вардар за да ги следат коњските трки. Дамите биле чести посетители на спортските натпревари пред војната. Толпа луѓе биле искачени на ридот кај Француските гробишта, од каде што можеле убаво да следат што се случува на островот. Значи, тој се наоѓал помеѓу денешната северна трибина на стадионот, односно станбениот комплекс популарно наречен Кинески ѕид, и спротивниот брег, каде што се наоѓа вечното почивалиште на француските војници – објаснил Коцевски.

Во тој запис пишува: „Немаше народ само на тркалиштето. Од другата страна на Вардар, на ридот каде што се Француските гробишта, па и на самите гробишта, беше присутна голема толпа луѓе. Жителите на Топаана излегоа во толкав голем број на Француските гробишта, така што нивната посета можеше слободно да се спореди со бројот на луѓе присутни на тркалиштето“.

Сите овие записи за островот Коцевски успеал да ги пронајде во предвоената документација. Островот денес е заборавен.

– Општината имала големи планови за островот: да биде парк-шума и пријатно место за прошетки и излети. Низ него, со текот на времето, требало да тече канал и да се оформи убаво вештачко езеро. Пошумените блокови ќе служеле за сончање, бидејќи имало ситен песок. Предноста на островот била што се наоѓал во близина, „речиси во самиот град“. Со текот на времето, фантастичниот утописки остров исчезнал, му се загубила секаква трага. Тој е еден вид наша, скопска варијанта на исчезнатата Атлантида. Причини за исчезнувањето сигурно имало повеќе, а некои од нив се и во големите поплави – опишал Коцевски во записите.

По Втората светска војна, коњичкиот спорт имал успешен развој во градот. Со многу нови учесници, нови клубови, особено на локации во Градскиот парк, а потоа и на познатиот Хиподром во Маџари, за што зборува и значајната книга на професор Ѓорги Кузмановски „Над 100 години спорт во Скопје“. Во неа се спомнува и податокот дека првите коњски трки во градот се одржале во далечната 1902 година.

(А.П.)

 

ИЗДВОЕНИ